Англиската Премиер лига, најгледаната фудбалска лига во светот, од следната сезона воведува нови правила за медиумско покривање кои предизвикаа бура од реакции кај навивачите и аналитичарите. Со цел да се доближи до публиката, лигата ќе им наметне на клубовите обврска да овозможат досега невидено ниво на пристап до соблекувалните и играчите, што отвора прашање каде е границата помеѓу спортот и забавата.
Според информациите кои ги пренесува новинарот Сем Коен, од следната сезона клубовите од Премиер лигата секоја недела ќе мораат да изберат една од следниве три опции:
- Интервју со менаџер или играч на полувреме.
- Интервју со играч веднаш откако ќе биде заменет.
- Пренос во живо од соблекувалната пред натпреварот.
Идејата, која многумина ја нарекуваат “американизација” на фудбалот, е преземена од американските спортови како НБА и НФЛ, каде ваквите интервјуа се стандардна пракса. Сепак, критичарите велат дека тие ретко нудат суштински информации и најчесто се состојат од клише-изјави, бидејќи ниту еден тренер или играч не сака да открива тактички детали среде натпревар.

Главниот аргумент против овие промени лежи во природата на фудбалот, каде секој резултат е од огромно значење. Паузата од 15 минути на полувремето е клучен период во кој менаџерите прават тактички анализи и ги мотивираат играчите. Одземањето на драгоцени минути од овој процес за ТВ-интервју се смета за директно мешање во спортскиот аспект на играта.
И покрај гласните критики на социјалните мрежи, се чини дека плановите ќе се реализираат. Телевизијата “Sky Sports” веќе направи тест-интервју со играчот на Бурнмаут, Маркус Таверние, веднаш откако беше заменет на натпревар. Според извештаите, гиганти како Арсенал, Манчестер Јунајтед, Њукасл и Манчестер Сити се веќе отворени за соработка.
Со овие потези, Премиер лигата ризикува да ја премине тенката линија помеѓу зголемување на ангажираноста на навивачите и нарушување на интегритетот на натпреварувањето, претворајќи го врвниот спорт во уште едно реално шоу.



