Крајот на возбудувањата во англиската Премиер лига означува почеток на уште пожешка војна, но овојпат на трансфер-пазарот. Додека голем дел од фудбалерите се фокусирани на претстојните мундијалски патувања во САД, Канада и Мексико со своите репрезентации, клупските оперативци веќе ги влечат првите потези.
Трансферот на Ентони Гордон од Њукасл во Барселона е првата голема бомба која го најави лудото лето, но низа други играчи – од суперталенти од долниот дел на табелата кои ги привлекоа гигантите од Лигата на шампионите, па сè до искусното друштво на слободни агенти, итно имаат потреба од промена на средината.
Младите и скапи дијаманти пред преселба кај гигантите
Матеус Фернандеш (21 година): Младиот португалски играч за врска покажа дека е премногу добар за да се бори само за опстанок, откако блесна во две последователни сезони во екипи кои испаднаа од елитата (Саутемптон и Вест Хем). Неговата огромна енергија во средниот ред му донесе дебитантски повик за Португалија во март, а Вест Хем сега очекува сериозен профит на сумата од 38 милиони фунти што ја плати минатото лето. За неговите услуги сериозно се заинтересирани Пари Сен Жермен, како и челниците на Манчестер Јунајтед, кои во него гледаат замена за Касемиро.
Елиот Андерсон (23 години): Креативниот и дефанзивен мотор на Нотингем Форест со своите импресивни игри си обезбеди место во мундијалскиот состав на Томас Тухел. Навивачите на „Сити Граунд“ со овации го испратија на последниот меч свесни дека тоа е веројатно негово збогување. Манчестер Сити важи за прв фаворит за неговиот потпис, заинтересиран е и Манчестер Јунајтед, а сопственикот Евангелос Маринакис планира да изнуди астрономска сума од над 100 милиони фунти за овој трансфер.
Адам Вортон (22 години): Иако неговото изоставување од англиската репрезентација ги шокираше сите со оглед на неговата техничка супериорност и визија за пас, Вортон нема причина за грижа. Иако неговите бројки на голови и асистенции не се застрашувачки (првиот гол за Кристал Палас го постигна дури на 17 мај), неговиот креативен придонес е енормен. Палас има обезбедено Лига Европа благодарение на триумфот во Конференциската лига, па договорот до 2029 година им дава комоција, но со негова продажба би можеле сериозно да го реконструираат тимот, посебно по заминувањето на менаџерот Оливер Гласнер.
Ѕвезди кои се „заглавени“ на клупата за резерви
Џејмс Трафорд (23 години): Англискиот голман отворено призна дека враќањето во неговиот матичен клуб Манчестер Сити од Барнли минатиот јули не помина според планот. Трафорд беше проектиран за прв голман сè додека Џанлуиџи Донарума не пристигна од ПСЖ во последните часови од преодниот рок во септември. Трафорд немаше ниту еден старт во Премиер лигата од крајот на август па сè до последното коло против Астон Вила, па неговиот раскошен талент кој го демонстрираше во куповите дефинитивно ќе мора да го докажува на друго место.
Федерико Киеза (28 години): И покрај честите повреди во нападот на Ливерпул, италијанскиот репрезентативец не успеа да се избори за значајна улога. Со скромни 13 минути по натпревар во Премиер лигата и само пет старта (од кои четири во домашните купови), неговата иднина изгледа сиво, особено со оглед на интересот на Ливерпул за Јан Диоманде од РБ Лајпциг. Киеза дефинитивно ќе мора да бара излез доколку не сака да биде вечна резерва.
Лијам Делап (23 години): Напаѓачот едноставно не успеа да го загрози Жоао Педро на позицијата класична деветка во Челси. Повредите му ја прекинаа дебитантската сезона, а неговата неможност да покрие други офанзивни позиции дополнително му ја закомпликува ситуацијата. Со доаѓањето на Емануел Емега од Стразбур ова лето и фактот дека Челси следната сезона нема да игра во Европа, просторот за минутажа на Делап е минимален, па позајмица во друг премиерлигаш е најреално решение.
Маркус Рашфорд (28 години): Неочекуваниот трансфер на Ентони Гордон во Барселона за 80 милиони евра е директен удар за Рашфорд, на кого му пропаѓа опцијата неговата позајмица на „Камп Ноу“ да стане трајна (Барса имаше откупна клаузула од 30 милиони евра). Враќањето во Манчестер Јунајтед е комплицирано бидејќи нападот функционира без него, а неговата астрономска плата од над 300.000 фунти неделно го ограничува бројот на клубови кои можат да си го дозволат. Уште една позајмица во Каталонија е единствениот спас за олеснување на буџетот на Јунајтед.
Најелитниот пазар: Искусни асови кои се сосем бесплатни
Хари Вилсон (29 години): По неуспехот на Велс да се пласира на Светското првенство, Вилсон е целосно фокусиран на клупската иднина бидејќи му истекува договорот со Фулам. Зад себе ја има својата најпродуктивна премиерлигашка сезона со 10 постигнати голови, а неговиот спектакуларен погодок со „тривела“ против Кристал Палас беше еден од најубавите сезонава. Фактот што е достапен без никакво обесштетување го прави идеална мета за многу клубови.
Енди Робертсон (32 години): По цели девет години верност, легендарниот лев бек го напушта Ливерпул како слободен агент во потрага по поголема минутажа. Тотенхем е во пол-позиција за неговиот потпис откако избори опстанок во последното коло токму на сметка на Вест Хем. Шкотланѓанецот сака брзо да ја реши својата иднина за да замине на Мундијалот со чиста глава.
Џејдон Санчо (26 години): Големата енигма на англискиот фудбал конечно ги прекинува сите врски со Манчестер Јунајтед со истекот на неговиот договор. Иако три сезони беше во егзил и на позајмици во врвни клубови, никој не го откупи трајно. Сега како слободен агент најблиску е до враќање во Борусија Дортмунд, каде што помина четири одлични години, а самиот Санчо е подготвен на драстично намалување на платата за да се врати во Германија.
Џон Стоунс (32 години): Искусниот дефанзивец го напушта Манчестер Сити без обесштетување по сезона во која имаше лимитирана улога со само девет настапи во Премиер лигата. Сепак, Томас Тухел има огромна доверба во него и го искористи како стартер на три мундијалски квалификациски мечеви есенва, па неговите лидерски квалитети сигурно ќе привлечат голем број врвни европски клубови кои имаат потреба од искусен командант во одбраната.
Марко Сенеси (29 години): Аргентинскиот стопер зад себе има фантастична сезона со дури 37 старта за Борнмут, со што максимално си ја крена цената на пазарот пред истекот на неговиот договор летово. Тој беше клучен за стабилноста на клубот во изминатите четири години, а Тотенхем веќе се споменува како еден од главните фаворити за неговиот потпис.



