10.8 C
Skopje

Пресудата за 115-те обвиненија на Сити е пред врата, можен е тотален хаос!

Објавено:

Конечно, се чини дека доаѓа крајот на најголемата сага во модерниот фудбал. По речиси две години молк и одолговлекување, англиските медиуми најавуваат дека пресудата за Манчестер Сити и славните 115 обвиненија за кршење на финансискиот фер-плеј е пред врата. Според извори блиски до процесот, одлуката се очекува во средината на ноември, а последиците би можеле да предизвикаат вистински земјотрес во Премиер лигата.

Сагата, која започна во февруари 2023 година, влегува во својата кулминација. Независната комисија со месеци анализирала над 250.000 документи поврзани со наводни финансиски малверзации на клубот во периодот од 2009 до 2023 година. Сега, целиот фудбалски свет го задржува здивот, бидејќи оваа одлука не е само за Манчестер Сити, таа е за иднината и интегритетот на целиот англиски фудбал.

Англиските медиуми, повикувајќи се на извори од клубовите, користат еден израз за она што следува: “All hell could break loose” (Може да настане вистински пекол).

Зошто? Затоа што каква и да биде одлуката, таа ќе отвори Пандорина кутија:

  • Ако Сити биде прогласен за виновен: Се очекува клубот веднаш да поднесе жалба, со што ќе започне нова, долга правна битка. Но, тоа е само почетокот. Ривалите веќе ги острат ножевите и подготвуваат тужби за компензација вредни стотици милиони фунти. Клубови како ЛиверпулАрсенал и Манчестер Јунајтед, кои губеа титули за неколку бода, ќе бараат правда и отштета. Истото важи и за тимовите кои поради доминацијата на Сити останаа без пласман во Лигата на шампионите или дури и испаднаа од лигата.
  • Ако Сити биде ослободен: Премиер лигата ќе изгледа немоќно и како организација која не може да ги спроведе сопствените правила. Тоа ќе испрати порака до другите клубови со пребогати сопственици, како Њукасл, дека правилата се само предлог и дека со доволно пари и добри адвокати, сè е дозволено.

И додека правните експерти очекуваат хаос, навивачите ширум светот се длабоко скептични. По толку долго одолговлекување, мнозинството верува дека казната ќе биде само “удар по прстите”. “Ако казната за криминал е само парична, тогаш тој закон важи само за сиромашните”, е еден од најчестите коментари на социјалните мрежи, алудирајќи на тоа дека рекордна парична казна за сопствениците на Сити е како бакшиш.

Можните санкции се движат од огромна парична казна, преку одземање бодови (што може да биде темпирано да нема реален ефект), па сè до “нуклеарната опција”, одземање на освоените титули и исфрлање од лигата, сценарио кое малкумина веруваат дека е возможно.

Едно е сигурно: ноемвриската одлука нема да биде крај, туку само почеток на најголемата правна војна во историјата на фудбалот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено