Ретроспектива: Денот кога бевме сами со Златната топка и фудбалското наследство на Паоло Роси

 

Објавено:

На денешен ден пред точно две години, Скопје беше центар на фудбалскиот свет, иако многумина тоа не го забележаа. Во април 2024 година, додека SportStation.mk сè уште беше само проект на многу страници и скица на лист хамер, го посетивме Мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Она што нè дочека таму беше веројатно најдобрата спортска изложба некогаш одржана во Македонија: „Паоло Роси – Златното момче и легендите на фудбалот“.

Тишина меѓу 500 бесценети предмети

Иако влезот беше бесплатен, а во витрините стоеја предмети кои вредат повеќе од било кои милиони, кога влеговме во изложбениот простор бевме сами. Таа тишина беше надреална. Од една страна, ни беше жал што Скопје не ја препозна тежината на овој настан, но од друга страна, имавме прилика очи во очи да се соочиме со историјата без метеж и турканици.

Ги извадивме нашите апарати и почнавме да фотографираме, надевајќи се дека тие фотографии еден ден ќе бидат дел од нашата сопствена спортска платформа.

Copyright: SportStation.mk

Од „Сарија“ до Катар: Патување низ времето

Изложбата беше хронолошко патување низ животот на „Златното момче“. Ги видовме неговите копачки со кои го постигна историскиот хет-трик против Бразил во 1982 година. Стоевме пред оригиналната „Златна топка“ од истата година и неговиот дрес од финалето на Мундијалот во Шпанија.

Посебно искуство беше виртуелната реалност, седиш во „Мала станица“, а пред очите ти се реди магијата од стариот стадион „Сарија“ во Барселона.

Сите добитници на „Златната топка“ на едно место

Она што нè остави без здив беше делот посветен на меѓународните легенди. Ексклузивно за Скопје, во витрините стоеше дресот на Лионел Меси од финалето во Катар, заедно со една од официјалните топки од тој историски меч.

Но, вистинскиот шок за секој фудбалски фанатик беше поставката на дресовите на сите 47 добитници на „Златната топка“ од 1956 година до денес. Беше тука сè: од Пеле и Марадона, преку Јашин, Кројф и Бекенбауер, па сè до Модриќ, Роналдо и Мбапе. Предмети кои му припаѓале на Зидан, Баџо, Ван Бастен – сите тие беа таму, на дофат на раката, во срцето на Скопје.

Copyright: SportStation.mk

Зошто ова ни е важно денес?

Денес, додека го пишуваме овој текст за SportStation.mk, сфаќаме дека таа посета беше една од искрите кои нè поттикнаа да го создадеме овој медиум на начин на кој го водиме и денес. Сакавме секој ваков настан, секој успех и секоја ваква спортска приказна да имаат свој дом каде што ќе бидат ценети.

Ви споделуваме дел од нашите фотографии од тој ден. Фотографии направени со многу ентузијазам, во време кога само сонувавме за ова што го работиме денес. Уживајте во оваа неверојатна спортска ризница:


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено