Тенискиот свет ќе добие нова кралица по завршувањето на овогодинешниот УС Опен. Елена Рибакина успеа да се избори со притисокот, нервозата и одличната Чинвен Женг, славејќи во три исцрпувачки сета (3-6, 6-1, 6-4) за пласман во полуфиналето на турнирот во Њујорк. Со овој триумф, 27-годишната тенисерка официјално го обезбеди првото место на ВТА листата, симнувајќи ја Арина Сабаленка од врвот.
Ова ќе биде петто Грен слем полуфинале за репрезентативката на Казахстан, каде што ќе ги одмери силите со победничката од дуелот меѓу домашната миленичка Коко Гоф и освојувачката на Ролан Гарос, Мира Андреева.
Тешка битка на теренот и во главата
Двете тенисерки влегоа во овој четвртфинален дуел како апсолутни лидерки во сервис-статистиката на турнирот, што ветуваше голема борба. Првиот удар го зададе Женг, која по еден маратонски гем од 14 минути успеа да го реализира четвртиот сет-поен и да поведе со 6-3.
Наместо да падне психички, Рибакина одговори во стил на вистински шампион. Во вториот сет заигра далеку поагресивно, ги диктираше поените со тешки и длабоки удари, а со неколку прекрасни скратени топки целосно го скрши ритамот на противничката за убедливи 6-1. Решавачкиот сет донесе вистинска драма. Двете тенисерки го подигнаа нивото на игра, но Рибакина го направи клучниот брејк со својот 20-ти винер на натпреварот, по што рутински го приведе мечот кон крајот.
„Тешко ми е да најдам вистински зборови во моментов. Ова беше многу тежок натпревар, исполнет со многу нервоза“, изјави Рибакина по големата победа. „Се водеше вистинска битка во мене. Мило ми е што ги оттргнав сите негативни мисли, продолжив да се борам и пресреќна сум што сум во полуфиналето овде“.
The moment Elena Rybakina became the 30th woman atop the WTA rankings ☝️ pic.twitter.com/uRhdLnOUVg
— US Open Tennis (@usopen) September 9, 2026
„Првото место во моментов е само бројка“
Официјалното крунисување на Рибакина како 30-та светска тенисерка број еден во историјата на ВТА ќе се случи в понеделник (14 септември), кога ќе биде објавено новото рангирање. Таа целосно го заслужи овој статус, имајќи предвид дека покрај титулата на овогодинешниот Австралија Опен, таа е и актуелна шампионка на завршниот ВТА турнир.
Сепак, нејзиниот фокус останува исклучиво на теренот во Њујорк.
„Првото место е само бројка во моментов. Мојата цел е да победувам на секој турнир на кој учествувам. Одам натпревар по натпревар и ова е неверојатно достигнување. Сите знаеме колку брзо можат да се променат работите во тенисот, без разлика дали е тоа рејтингот или ситуацијата на самиот терен. Затоа морам да се фокусирам на мојата игра, да се опоравам и да уживам во утрешниот ден“, додаде новата тениска кралица.
Рибакина има импресивна сезона зад себе, со дури 74 Грен слем победи во кариерата. Само Џесика Пегула има повеќе триумфи на ВТА ниво оваа година од неа, што е уште еден доказ за нејзината неверојатна константност на големата сцена.



