Фудбалскиот клуб Вардар повторно наликува на оној стариот, моќен гигант. По неколку години резултатска криза, најтрофејниот македонски клуб под водство на Гоце Седлоски ја освои есенската титула во ПМФЛ, и тоа на импресивен начин – без ниту еден пораз во првиот дел од сезоната.
Притисокот беше огромен, очекувањата од „Комитите“ и јавноста секогаш се највисоки, но „црвено-црните“ одговорија шампионски.
„Тешко е да се носи дресот на Вардар“
Шефот на стручниот штаб, Гоце Седлоски, не го крие задоволството од карактерот на своите фудбалери.
„Презадоволен сум од она што Вардар го одигра. Сите го очекуваат најдоброто од нас, а тоа не е лесно да се постигне. Горд сум на овие момци што без пораз ја одработија задачата. Не е лесно да го носиш дресот на Вардар, секој противник е на највисоко ниво против нас“, изјави Седлоски.
Работата не е завршена
Иако есенската титула е слатка, Седлоски е свесен дека најтешкото допрва доаѓа. Пролетниот дел ќе биде битка за секој бод.
„Далеку од тоа дека сме ја завршиле работата. Ништо не е готово. На пролет нè чека уште потежок пат. Успесите за Вардар се неминовност, а само најсилните можат да ги остварат“, заклучи стратегот на скопскиот тим.
Вардар презимува на врвот, но конкуренцијата (Струга, Шкендија) дише во вратот, што гарантира пеколна пролет во македонскиот фудбал.



