Македонската фудбалска репрезентација е пред нов голем предизвик. В сабота од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Македонија за првпат во својата историја ќе ги одмери силите со Швајцарија. Овој натпревар воедно го означува и нашето историско деби во Б дивизијата (Група Б1) од Лигата на нации.
Максимална подготвеност и фокус кон сопствената игра
Противникот е исклучително силен – Швајцарија доаѓа во Скопје со реноме на четвртфиналист од неодамнешното Светско првенство во Северна Америка. Сепак, селекторот Гоце Седлоски на денешната официјална прес-конференција јасно стави до знаење дека респектот постои, но стравот не смее да биде опција.
„Максимално сум задоволен од тоа како ги одработивме овие четири тренинзи. Сите фудбалери знаат што треба да прават на теренот. Нас воопшто не нè интересира со кој состав ќе допатува Швајцарија. Знаеме дека располагаат со силен ростер и дека лесно ги надополнуваат отсуствата, но најважно е ние да гледаме само на себе. Заедно со поддршката од публиката, која очекувам да биде нашиот играч плус, верувам дека можеме да стигнеме до позитивен резултат“, изјави Седлоски.
Тој додаде дека стручниот штаб е одлично запознаен со квалитетите на противникот, при што дополнителни информации за швајцарскиот менталитет добиле и од репрезентативците Езѓан Алиоски и Елмедин Растодер.
Отсуства и шанса за нови дебитанти
Ова ќе биде петти натпревар за Седлоски на селекторската позиција, но негово официјално деби пред домашната публика во Скопје. Почетниот состав ќе биде одреден по вечерашниот тренинг, но веќе е познато дека националниот тим ќе биде ослабен за двајца стандардни првотимци.
Бобан Николов отпадна од комбинација поради повреда заработена на еден од тренинзите, додека Дарко Чурлинов не пристигна во Скопје поради административни проблеми и мораше да остане во својот полски клуб Погон Шчечин.
Сепак, овој собир ќе биде посебен за четворица млади фудбалери. Матеј Гаштаров, Анес Меличи, Ѓорѓе Џеков и Христијан Малески ќе ја чекаат својата шанса за дебитантски настап во сениорскиот дрес со државниот грб.






