Сенегал возвраќа на ударот: „Срамната“ одлука на КАФ оди пред Судот во Лозана!

 

Објавено:

Фудбалската војна во Африка штотуку доби нова димензија. Откако вчера фудбалскиот свет беше шокиран од одлуката на Конфедерацијата на африканскиот фудбал (КАФ) да му ја одземе титулата на Сенегал и да го прогласи Мароко за шампион на АФКОН 2025 на „зелена маса“, Сенегалците најавија жестока правна битка.

Фудбалската федерација на Сенегал (ФСФ) официјално потврди дека нема намера да се помири со губењето на трофејот кој го освои на теренот. Тие најавија итна жалба до Судот за спортска арбитража (ЦАС) во Лозана, Швајцарија, како последна инстанца за враќање на фудбалската правда.

Сенегал: Ова е невидено и неприфатливо!

Во официјалното соопштение објавено на социјалната мрежа „Х“, сенегалската федерација не бираше зборови за да го изрази својот револт кон Апелациониот одбор на КАФ, кој одлучи натпреварот да се регистрира со службени 3:0 за Мароко поради напуштањето на теренот од страна на сенегалските играчи.

„Одлуката е неправедна, невидена и апсолутно неприфатлива. Овој потег фрла огромна дамка и го дискредитира целиот африкански фудбал,“ стои во реакцијата на Сенегал. „За одбрана на правата и интересите на сенегалскиот фудбал, федерацијата во најкраток можен рок ќе покрене жалбена постапка пред Судот за спортска арбитража во Лозана“.

Ѕвездите во неверување, Мароко слави владеење на правото

Потсетуваме, хаосот настана во судиското продолжение од финалето во Рабат кога Сенегалците револтирани од досудениот пенал за Мароко го напуштија теренот по наредба на селекторот Папе Тиав. Откако се вратија, Едуард Менди му го одбрани пеналот на Брахим Дијаз, а Папе Геје во продолженијата го донесе трофејот за Сенегал. Сепак, членот 84 од правилникот на КАФ пресуди дека самото напуштање на теренот значи автоматска загуба на мечот.

Оваа административна одлука ги остави без шампионски статус мега-ѕвездите како Садио Мане, Николас Џексон, Идриса Геје и Папе Матар Сар. Од друга страна, играчите како Ашраф Хакими, Нусаир Мазрауи и Брахим Дијаз сега се официјални континентални шампиони.

Фудбалската федерација на Мароко (ФРМФ) ја поздрави одлуката на КАФ, истакнувајќи дека нивната цел не била да го оспорат спортскиот перформанс на Сенегал, туку да бараат стриктна примена на правилата.

„Федерацијата ја потврдува својата посветеност кон почитувањето на правилата, обезбедувајќи јасност во натпреварувачката рамка и одржување на стабилноста во африканските натпреварувања“, порачаа од Рабат.

Следната и конечна епизода од оваа драма ќе се одигра во судниците во Швајцарија. Дали ЦАС ќе го потврди правилото на КАФ или ќе го врати трофејот кај оние кои победија на тревникот?


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено