Агонијата на македонската фудбалска репрезентација продолжува. И по гостувањето на „Стожице“ во Љубљана, нашиот национален тим останува со празни раце, бележејќи го шестиот последователен пораз во кој мрежата на противникот остана маѓепсана. Жално е што вечерва Словенија изгледаше навистина лошо и бледо, а сепак Македонија е таа што изгуби со 2-0. Со тоа, практично, сè е кажано.
Колапс по вториот примен гол
Иако во првото полувреме видовме одредено освежување и иницијатива, вториот дел донесе ново разочарување. Словенците го отворија резултатот во 55. минута преку Санди Ловриќ, казнувајќи ја нашата деконцентрација. Влегувањето на Енис Барди во второто полувреме донесе краткотрајна свежина и цврстина на средината на теренот. Тој блесок траеше околу десетина минути и даде лажна надеж дека можеме до израмнување, но наместо тоа, следеше нов студен туш.
Аљоша Матко ја затресе нашата мрежа за 2-0, гол кој значеше и целосно откажување на македонските фудбалери на теренот. По тој момент, борбеноста згасна, а репрезентативците едноставно се предадоа, дозволувајќи му на противникот рутински да го приведе натпреварот кон крајот.
Идеалниот противник кој не знаевме да го победиме
Вака слаба Словенија, со сета должна почит кон домаќинот, да нè декласира на теренот на ваков начин е едноставно недозволиво. Најдобрата дефиниција за вечерашниот натпревар ја даде самиот ТВ коментатор: „Ако сме искрени, ваква Словенија би била идеален противник за Македонија… во некои други околности“. За жал, во овие моментални околности, ние сме тимот кој служи за поправање на самодовербата на противниците кои се во криза.
Единствената светла точка во ова сивило повторно беше младиот Гаштаров, кој покажа желба и карактер, а позитивни искри и надеж за иднината добивме и од младиот дебитант од редовите на Струга Трим Лум, Христијан Малески. Сепак, фудбалот е тимска игра, а Македонија во моментов изгледа како тим кој итно има потреба од целосен рестарт.






