ФУДБАЛСКА ЛЕКЦИЈА ВО ОРЛАНДО: Манчестер Сити ја покажа својата моќ и го декласираше Јувентус со убедливи 5:2, обезбедувајќи го првото место во групата Г на Светското клупско првенство. Во директен дуел за врвот, тимот на Пеп Гвардиола одржа фудбалска лекција и покажа зошто е еден од главните фаворити за титулата.
Натпреварот започна фуриозно. Жереми Доку уште во 9. минута донесе водство за “Граѓаните” по одличната асистенција на Рајан Аит-Нури. Но, радоста траеше кратко. Само две минути подоцна, голманот Едерсон направи катастрофална грешка, а Теун Копмајнерс го искористи поклонот и израмни на 1:1.
Сепак, Сити брзо се врати во ритам. Во 26. минута, по една навидум безопасна акција, дефанзивецот на Јувентус, Пјер Калулу, си постигна бизарен автогол, носејќи им нова предност на Англичаните.
Во второто полувреме, на сцена стапија резервистите на Гвардиола. Еден од најдобрите голгетери на денешницата, Ерлинг Халанд, кој влезе во игра на полувремето, во 52. минута го постигна својот 300-ти гол во кариерата, зголемувајќи на 3:1. Потоа, Фил Фоден во 69. и Савињо во 76. минута со прекрасен гол од далечина, ја комплетираа „петардата“ во мрежата на Јувентус.
Душан Влаховиќ во 85. минута успеа само да го ублажи поразот, постигнувајќи почесен гол за „Старата дама“.
Добра вест за Сити е и враќањето на терените на нивниот клучен играч, Родри, кој по тешката повреда на коленото го одигра првиот натпревар и покажа дека наскоро ќе биде подготвен за најголемите предизвици.
Со оваа победа, Манчестер Сити како првопласиран во групата оди во осминафиналето, каде што сега го чека можен дуел со уште еден гигант – Реал Мадрид.
Во продолжение, погледнете ги сите седум погодоци од овој спектакуларен натпревар!
9′ – 1:0, Доку!
11′ – 1:1, Копмајнерс!
26′ – Автогол Калулу, 2:1!
52′ – 3:1, Халанд!
69′ – 4:1, Фоден!
75′ – Проектил на Савињо, 5:1!
84′ – Влаховиќ за конечни 5:2.
Најдобрите моменти од натпреварот:


