Шкендија бара нова историја во Скопје: Јагелонија пристигнува на „Тодор Проески“ (21:00)

Објавено:

Шкендија вечерва се враќа на арената „Тодор Проески“ во Скопје за следниот европски предизвик. Од 21:00 часот, „црвено-црните“ го играат натпреварот од третото коло во Лигата на конференции против полскиот шампион Јагелонија.

По онаа магична ноќ и историската победа против Шелбурн (прва во групна фаза на УЕФА), тимот на Јетон Беќири бара уште еден позитивен резултат.

Беќири: „Фаворити се на хартија, но ние сме подготвени!“

Тренерот Јетон Беќири призна дека противникот е исклучително квалитетен, но истакна дека неговиот тим е подготвен да ја покаже својата сила во Скопје.

„Го анализиравме противникот, станува збор за многу квалитетен тим, доминантен во силна, физичка лига,“ изјави Беќири. „Иако тие ја имаат улогата на фаворит на хартија, верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Обично играме добри натпревари во Скопје“.

„Овој натпревар ќе биде различен од Шелбурн… Јагелонија е поофанзивна. Ќе ни треба тим кој ќе трча исклучително добро“.

Зејнулаи: „Кој ќе ги добие дуелите на средината, тој ќе победи“

И играчот од средниот ред Арбин Зејнулаи истакна дека натпреварот ќе биде решен со физичката битка на средината на теренот.

„Атмосферата во тимот е добра. Фудбалот се игра повеќе физички; кој трча повеќе, се бори и ги добива дуелите на средината на теренот – тој ги добива натпреварите. Ние сакаме да го направиме токму тоа,“ изјави Зејнулаи.

Шкендија со два важни недостатоци

За овој важен дуел, Шкендија ќе биде без двајца играчи. Ване Крстевски останува надвор од комбинација поради повредата здобиена пред неколку дена, а на располагање нема да биде ниту голманот Астрит Амзаи, кој се пожалил на болки во грбот.

Во Скопје се очекува добра атмосфера, бидејќи Шкендија ќе ја има поддршката од навивачите „Балисти“ , додека од Полска се најавени околу 250 гостински навивачи.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено