Шкендија и Струга Трим Лум во битка за бодови во Скопје

 

Објавено:

Дербито на четвртото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) вечерва ќе се одигра во Скопје, каде тетовска Шкендија ја пречекува екипата на Струга Трим Лум. Поради градежни зафати на стадионот во Тетово, овој натпревар ќе се одигра под рефлекторите на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ.

Шкендија конечно пред своите навивачи во поход по четврта победа

Тетовци имаат перфектен старт на сезоната со три победи од три натпревари и сакаат да останат единствениот тим со 100% успешност. Дополнителен мотив за нив ќе биде враќањето на публиката на трибините, откако клубот ја одработи казната од два меча суспензија поради минатогодишните инциденти во Купот.

Брзото крило на Шкендија, Ване Крстевски, истакнува дека тимот е максимално фокусиран на домашната сцена по европската елиминација.

„Добро го анализиравме ривалот и знаеме дека нè очекува силен дуел. Започнавме одлично и се надеваме дека ќе врземе уште една победа. Голема предност е да се игра под рефлектори поради топлото време. На претходните мечеви ни недостигаа навивачите, но со нивната поддршка сè ќе биде полесно. Целосно сме фокусирани на првенството и атакуваме на титулата“, изјави Крстевски.

Струга доаѓа по бодови во одлична атмосфера

Струга Трим Лум влегува во дербито по минималната, но исклучително важна победа (1-0) над Вардар во минатото коло. Офанзивецот Арби Воша потврдува дека атмосферата во тимот е на највисоко ниво и дека стружани се целосно подготвени за предизвикот.

„Шкендија има одличен тим, но ние сме фокусирани единствено на нашата работа. Во вакви натпревари секој играч мора да го даде максимумот. Подготовките минаа одлично и се надевам дека без разлика кој ќе постигне гол, на крајот ние ќе се радуваме на победата и трите бода ќе ги однесеме во Струга“, порача Воша.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено