Фудбалерите на Шкендија, забележаа сигурна и убедлива победа од 1:4 на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци, во натпревар од 28-мото коло на Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ). Со освоените три бода, тетовци барем привремено го презедоа лидерското место на табелата, ставајќи дополнителен притисок врз конкурентот Вардар.
Избраниците на Јетон Беќири одиграа одлично прво полувреме во кое практично го решија прашањето околу победникот. Голеадата ја отвори младиот Анес Мелиќи уште во 15-тата минута. Во 36-тата минута, Бесарт Ибраими зголеми на 0:2, а Лиридон Љатифи во 44-тата минута ја затресе мрежата на домаќините за високи 0:3 пред заминувањето на пауза.
Второто полувреме започна со надеж за кавадарчани. Во 49-тата минута, по нафрлување од корнер на Кристијан Стојкоски, резервистот Благој Стојчев успеа да намали на 1:3.
Сепак, радоста на домашните навивачи траеше кратко. Само пет минути подоцна (54′), по една неспретна реакција во одбраната на Тиквеш по нафрлувањето на Љатифи, топката стигна до Фабрис Тамба, кој рутински ја смести во мрежата за конечни 1:4. До крајот на средбата темпото на игра значително опадна, а двете екипи како да се помирија со конечниот резултат.
Со оваа победа, Шкендија сега има 67 бодови, два повеќе од Вардар (65 бодови), кој својот натпревар од ова коло го игра утре против екипата на Шкупи. Тиквеш останува на петтата позиција со 40 освоени бодови.
Во следното коло, Шкендија на домашен терен ќе го пречека тимот на Башкими 1947, додека Тиквеш го очекува тешко гостување во Скопје токму против Вардар.



