Контраверзната одлука на судиите на вечерашниот меч меѓу Шведска и Унгарија беше „врвот“ на судењето на ова Европско првенство, со што домаќините беа почастени со еден бод и нерешен резултат од 32:32.
Унгарците имаа последен напад преку Сита за победа и останување во игра за полуфиналето, но иако судиите гледаа и снимки, не успеаја да го видат очигледниот пенал поради тоа што шведскиот играч бранеше од внатре.
И што понатака да пишуваме за текот на натпреварот, кога токму ваквите ситуации се оние кои најмногу му штетат на ракометот како спорт. Во спорт каде доминираат одредени репрезентации со години, секогаш кога некој ќе се обиде да „пркне“, на сцена стапуваат судиите на ЕХФ. И после зошто ракометот не бил сфаќан сериозно… ЕХФ можеби наместо да се жали зошто ракометот не се смета за „сериозен“ спорт, треба прво да се запраша кој е одговорен за таквата слика.
Кога ВАР служи за маскирање на неправдата
Она што најмногу боли е фактот што технологијата, која требаше да донесе правда, беше искористена за да се „легализира“ грабежот. Целата сала во Малме замолкна додека се прегледуваше снимката, на која јасно се гледаше дека шведската одбрана го гази просторот од шест метри во клучниот момент. Но, судискиот свиреж остана нем. Наместо заслужена победа за Унгарија, која во текот на целиот меч покажа карактер и се враќаше од негатива, видовме како домаќинот се провлекува со „вештачко дишење“. Можеби Унгарците дури и ќе го промашеа пеналот под притисокот, но она што е срамно е што не им беше дадена шанса да пробаат.
Натпреварот сам по себе беше вистински ракометен ролеркостер. Шведска тргна фуриозно со поддршка од трибините, но Унгарците, предводени од расположениот Бенце Имре и „непробојниот“ Палашич на голот, не дозволија домаќинот да се одлепи. Кога во финишот Унгарија успеа да го преземе водството и да ја донесе драмата до точка на вриење, малкумина веруваа дека судиите ќе се осмелат на ваков директен чекор.
Шведска сега со овој „подарок“ бод останува во пол-позиција за полуфиналето, додека Унгарците, со солзи во очите и неверојатен бес, ја напуштија салата свесни дека нивниот труд беше поништен со еден поглед во мониторот кој „не виде“ ништо.
ЕХФ мора да одговори
До кога ќе гледаме како големите нации се штитат по секоја цена? Ако ракометот сака да излезе од сенката на другите спортови, ваквите „одлуки“ мора да престанат. Денеска жртва беше Унгарија, утре ќе биде некој друг. Срамно, недостојно и жално за трудот на спортистите кои ги оставаат срцата на теренот.



