Македонските бои денеска за последен пат продефилираа на нордиските патеки на Зимските олимписки игри 2026. Нашиот најдобар нордиец, Ставре Јада, го заврши својот настап во дисциплината 10 километри, со што крос-кантри тимот официјално го заокружи своето учество на големата сцена во Милано и Кортина. Сепак, македонската олимписка приказна тука не запира, а возбудата допрва се сели на алпските патеки.
Борба до последниот метар во Тесеро
На олимпискиот стадион во Тесеро, Јада го освои 83-то место во конкуренција на 113 најдобри светски спортисти. Тој ја заврши трката со заостанување од 4:52,7 минути зад новиот олимписки шампион, легендарниот Јоханес Хосфлот Клебо од Норвешка. Иако Ставре долго време се наоѓаше на 79-та позиција, сепак тешките услови со топлото време и стопениот снег го направија своето во самиот финиш, па тој падна за неколку места.
Со овој резултат на Ставре и претходниот настап на Ана Цветановска, македонското нордиско скијање го потврди својот континуитет. Иако патот до врвот е тежок и бара многу поголеми вложувања од институциите, нашите нордијци покажаа борбеност која заслужува почит.

Што следува? Виктор Петков и Јана Атанасовска излегуваат на мегдан!
Веќе од утре, вниманието на македонската јавност се сели кон алпските дисциплини во Кортина д’Ампецо. Нашите млади надежи, Виктор Петков и Јана Атанасовска, ќе ги одмерат силите со светската елита во техничките дисциплини.
Еве го распоредот на преостанатите македонски настапи:
- 14.02 (сабота) | 10:00 ч. / 13:30 ч. – Виктор Петков (Велеслалом)
- 15.02 (недела) | 10:00 ч. / 13:30 ч. – Јана Атанасовска (Велеслалом)
- 18.02 (среда) | 10:00 ч. / 13:30 ч. – Јана Атанасовска (Слалом)
Крос-кантри тимот си заминува со крената глава, а сега е ред на алпинците да ја покажат својата брзина на патеките. Ана и Ставре го дадоа своето најдобро, а сега цела Македонија навива за Виктор и Јана!



