Студен туш во Скопје, Кипар ја совлада Македонија и го расипа стотиот настап на Војдан Стојановски

 

Објавено:

Вечерта што требаше да биде кошаркарски празник во Скопје, во знакот на историскиот јубилеј на капитенот Војдан Стојановски и осамувањето на врвот во групата Ф, се претвори во неочекувано и болно приземјување. Македонската сениорска кошаркарска репрезентација синоќа загуби од Кипар со 75-85 во салата „Лазар Лечиќ“, запишувајќи го првиот пораз во втората фаза од претквалификациите за Евробаскетот 2029.

Избраниците на Жозеп Марија Берокал влегоа во дуелот како големи фаворити на домашен терен и со серија од осум последователни победи во сите натпреварувања, но наместо нов сигурен исчекор кон главните квалификации, наидоа на крајно мотивиран и шутерски расположен противник кој сурово ги казни сите наши одбранбени пропусти.

Извор: https://mkd.basketball

Одбраната попушти во клучниот период, Димитријевиќ остана премногу осамен

Уште од воведните минути стана јасно дека Кипар не дојде во Скопје со бело знаме. Гостите подобро го отворија натпреварот и поведоа со 6-11, пред Македонија да фати ритам и со пресврт да ја добие првата четвртина со 23-21. Сепак, одбраната тешко наоѓаше решение за разновидната игра и шутот на Кипраните, кои до полувремето уфрлија дури 43 поени, па на паузата се замина со израмнети 43-43.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Третиот период донесе нешто поцврста игра и постојани смени во водството, а нашиот тим влезе во завршните десет минути со минимална предност од 55-54. Токму тогаш, кога требаше да се скрши отпорот на гостите, играта на Македонија целосно се распадна. Разиграниот Филипос Тигкас повлече за гостинско водство од 56-61, а Михаил веднаш зголеми на највисоки 56-63.

Македонија успеа да покаже карактер и на шест минути пред крајот, благодарение на две тројки на Стојан Ѓуроски и една на Ненад Димитријевиќ, се врати на егал (65-65). Меѓутоа, наместо целосен пресврт, следуваше кобна серија од 0-7 во режија на Пашиалис и Тигкас за 65-72 на три и пол минути до сирената. Тајм-аутот на Берокал донесе уште една тројка на Димитријевиќ за 68-72, но гостите продолжија безмилосно да погодуваат од сите позиции и заслужено ги однесоа бодовите со конечни 75-85.

Индивидуално, Ненад Димитријевиќ одигра речиси сам на теренот и мечот го заврши со фантастични 30 поени, шест асистенции и пет скока, додека единствен друг со двоцифрен учинок кај нас беше Стојан Ѓуроски со 11 поени. Целосно потфрли натурализираниот центар Мозес Рајт со скромни три поени, додека кај Кипар убедливо најдобар поединец беше Филипос Тигкас со 25 поени.

Извор: https://mkd.basketball

Историска стотка за Војдан Стојановски со горчлив вкус

И покрај разочарувачкиот исход, синоќешната средба засекогаш ќе остане запишана во аналите на македонската кошарка. Капитенот Војдан Стојановски стана првиот кошаркар во историјата на нашата држава кој стигнал до магичната бројка од 100 официјални настапи во репрезентативниот дрес. На полувремето, во емотивен момент пред скопската публика, поранешниот селектор Марин Докузовски му врачи пригодно признание и дрес за 19-годишната верност кон националниот тим.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

„Кога ми го дадоа дресот, не ми се веруваше дека пред 19 години дебитирав во репрезентацијата. Многу години поминаа, и најдобрите и најлошите, кога сме играле претпретквалификации, но секогаш сум тука кога треба да помогнам за Македонија и тоа не се споредува со ништо. Тука сум ако ѝ требам на репрезентацијата“, истакна емотивниот Стојановски.

Како вистински лидер, капитенот не се обиде да се сокрие зад личниот јубилеј и испрати искрена и остра порака за изданието на теренот.

„Не игравме како што треба вечерва. Треба да си ја прифатиме одговорноста дека бевме лоши и наше е да ја вратиме победата кај нив. Но, со ваква игра нема да победиме, мора да го промениме пристапот“, дециден беше Стојановски.

Извор: https://mkd.basketball

Берокал лут поради основните грешки, но дециден дека не размислува за оставка

Разочарувањето не го криеше ниту селекторот Жозеп Марија Берокал, кој посочи дека колапсот во последната четвртина дошол како директна последица на недостигот на дисциплина и непочитувањето на темелните кошаркарски принципи.

„Мечот го започнавме на неочекуван начин. Имавме израмнети четвртини, одбраната се подобри во третиот период, но во последните десет минути покажавме една поинаква игра. Мора да ги почитуваме сите репрезентации и кошарката, како и нејзините едноставни правила. Денес не го правевме тоа, не почитувавме да вадиме топка надвор, играта еден на еден, да не губиме топки, протокот на топка. Можам да разберам кога ќе промашиш шутеви, но другите работи што се во твои раце и не ги контролираш, тоа не го разбирам“, изјави Берокал.

Шпанскиот стратег призна дека Кипар одиграл квалитетен меч, но на новинарското прашање дали размислува за повлекување по шокантниот пораз, одговори без двоумење.

„Мора да научиме од овој пораз, да останеме заедно и оптимисти. Во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата. Во овој момент не размислувам за оставка. Никогаш во животот немам таков пристап“, порача селекторот.

Македонија го завршува овој прозорец со една победа над Австрија и еден пораз од Кипар, а битката за пласман во следната рунда ќе се решава во февруарскиот циклус, кој нашата селекција го отвора на домашен терен против Австрија.

Следете нѐ: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено