Светското првенство во снукер – прекрасна бајка со „Холивудски“ крај

 

Објавено:

Гостинска статија на Димитрие Маневски

По 17 дена исполнети со прекрасна игра, удари кои уште долго ќе се прераскажуваат и дуели кои најдобро демонстрираат зошто снукерот го зазема местото кое го има во срцата на искрените спортски заљубеници, светот има нов владетел. Речиси е невозможно човек да не биде импресиониран од вештината која врвните играчи ја демонстрираат, а уште повеќе од борбениот и бестрашен карактер на кој сведочевме во буквално секој меч, и над се, џентлменскиот однос кон противникот без оглед на важноста на ударот, фрејмот или мечот кој се игра.

Финалето на светското првенство како ретко кога во минатото, беше вистинска „јаготка на шлагот“. Кога по 17 дена снукер, резултатот е 17 – 17, а на екранот се појавува податок дека до тој момент, до одлучувачкиот фрејм, активно се играло 10 часа… сфаќате дека времето е навистина релативна категорија! Желбата прекрасната игра да продолжи да трае се судрува со сознанието дека многу наскоро, победникот во последниот фрејм ќе се закити со највредниот трофеј, што предизвикува мешани чувства и своевидна збунетост. Но тој миг брзо минува бидејќи Шон Марфи и Ву Јизе продолжуваат тактички да се надмудруваат, притоа демонстрирајќи натчовечка способност да се носат со притисокот кој секој следен удар го носи.

Искусниот Марфи, за кого ова е 5то финале, а зад себе има и една титула од сега далечната 2005 година, прв имаше можност да нападне, но по одличниот удар со кој погоди „далечна“ топка, мораше да премине во дефанзива и одигра идеален „сејф“. Младиот Јизе, кој има само 22 години, успеа со удар од 4 спунта да се спаси од фаул, но белата топка му овозможи на Марфи повторно да ја има иницијативата во фрејмот и тој по краткиот престој на масата, одигра одличен дефанзивен удар. Во овој момент Јизе успеа да возврати и да ја позиционира белата топка во т.н. „кинески снукер“, што го натера Марфи долго да размислува за следниот удар и на некој начин го принуди да избере „најмало зло“ на масата и да одигра дефанзивен удар кој на Јизе му остави навистина тешка црвена топка. Оваа ситуација, која патем кажано за професионалните играчи во други околности претставува релативно лесна задача, претставуваше вистински тест за Јизе и неговиот карактер.

По кратко размислување тој одлучи да ја нападне топката и со таа одлука не згреши, што значеше дека ја превзема иницијативата на масата и има можност да ја однесе победата. И токму кога се чинеше дека Јизе има одлична позиција на масата за да ја однесе победата, тој одигра неколку сантиметри „пократко“ за наредната црвена топка, што значеше дека повторно е соочен со одлука дали да нападне тешка топка, или да премине во дефанзива и да се обиде да ја одбрани резултатската залиха која во тој момент ја имаше.

Исправен пред предизвикот тој покажа голема зрелост и храброст, се одлучи за напад и не погреши! Неколку удари подоцна, со високо стисната тупаница си дозволи на себеси да се ослободи од целата тензија и притисок која до тој миг перфектно ја криеше во себе, но сега можеше да си дозволи емоциите да излезат бидејќи во тој момент тој сеуште беше на масата и погодуваше топки, но не како обичен играч, туку како светски шампион.

Публиката во „Крусибал театарот“ не го криеше своето одушевување и уште погласно му даваше поддршка на новиот шампион. Фановите на Јизе за време на турнирот кога тој играше извикуваа „Вуууу“, нешто што на почетокот ме зачуди бидејќи мислев дека е скандирање против него, па истражувајќи сватив дека станува збор за далеку прочуениот „англиски хумор“, односно во оваа ситуација „англиско искажување симпатии“.  Дури и самиот Ву во изјавата по освојувањето на титулата и се заблагодари на публиката и посочи дека и самиот мислел дека на почетокот публиката е против него, но подоцна сфатил дека станува збор за поддршка и искрено се заблагодари.

Трогателен момент во финалното интервју беше сликата на родителите на Ву кои беа присутни во публиката и низ солзи ја прославија победата на својот син, кој титулата им ја посвети токму на нив и на целиот аудиториум му обзнани дека токму тие биле неговата најголема поддршка кога на 14 години одлучил да се пресели во Англија за да го следи својот сон и да стане професионален снукер играч.

Од друга страна Марфи успеа да остане достоинствен во поразот кој без сомнение го боли, можеби и повеќе од претходните порази во финалињата на светското првенство. Тој упати многу комплименти до Јизе и најави дека ќе продолжи да се обидува да стигне до драгоцениот трофеј, но не можам да не забележам дека Марфи со години изгледа како да ужива во улогата на оној кој му честита на противникот за победата во финалето. Впечатокот дека тој е можеби единствениот играч кој се подготвува за овој тип на говори е нешто што би сакал да го анализирам поопширно во некоја друга прилика бидејќи вниманието заслужено треба да биде насочено кон новиот шампион.

Новиот шампион има 23 години, речиси идентично како и Марфи кога го освои својот единствен наслов Светски Првак, доаѓа од НР Кина, што значи дека титулата останува во оваа земја која полека се наметнува како новиот епицентар на светскиот снукер. За среќа пред неколку месеци одлучи да го промени својот имиџ и да ја смени својата фризура (сигурно ќе изнуди насмевка доколку го „прогуглате“), и со задоволство можеме да кажеме дека тој е новиот владетел во нашиот омилен спорт.

Љубителите на снукерот ќе имаат можност да им се посветат на другите спортови бидејќи со Светското првенство традиционално се комплетира и натпреварувачката сезона, а за време на претстојната летна пауза искрено се надевам дека ќе имате можност да уживате во оваа прекрасна игра во живо, и тогаш со сигурност сите суперлативи кои ги користам кога пишувам за неа ќе ви изгледаат премногу скромни.

Copyright: Dimitrie Manevski

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено