Најтрофејниот и најуспешен женски фудбалски клуб во Македонија во последните неколку години, ЖФК Љуботен од Тетово, најави свое згаснување. Преку емотивно и остро соопштение на својата официјална Фејсбук страница, раководството на клубот потврди дека актуелната сезона ќе биде нивна последна.
Причината за ваквиот радикален потег, според клубот, лежи во односот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и општите услови (неспортски случувања на терените) кои ги демотивирале луѓето што го водеа овој успешен проект.
Од борба за опстанок до европски победи
Приказната на ова раководство со ЖФК Љуботен започна во март 2020 година, кога тимот беше последен на табелата и пред згаснување. За само неколку години, тие направија вистинска револуција во македонскиот женски фудбал:
- Првата шампионска титула во сезоната 2021/2022.
- Две „Двојни круни“ по ред (2022/2023 и 2023/2024).
- Прв клуб што донесе интернационалки (Бразилки, Колумбијки, Нигеријки итн.), професионални тренери и имплементираше ГПС технологија за следење на перформансите на фудбалерките.
- Историски настапи во квалификациите за Лигата на шампионите, вклучително и помината прва групна фаза со победи над шампионите на Ерменија и Фарски Острови.
Остри критики кон ФФМ
Во соопштението, клубот изрази длабоко разочарување од односот на федерацијата, посочувајќи дека нема место за успешни проекти и вистински инвестиции во македонскиот фудбал.
„По последните случувања на терените кои беа сè само спортски не, како и одлуките на Фудбалската Федерација, јасно и гласно ни покажаа дека нема место за успешни, за тие кои искрено вложуваат и сакаат напредок… Изгубија сите, изгуби Тетово, изгуби репрезентацијата (имаме 10 репрезентативки), изгуби фудбалот!“ стои во реакцијата на ЖФК Љуботен.
Клубот открива дека пропаднале плановите за набавка на сопствен клупски автобус, како и мега-проектот за изградба на тренинг центар со хотел во близина на Тетово преку странски инвеститор. Тие се заблагодарија на фудбалерките, исто така се “заблагодарија” на градоначалникот на Тетово и министерот за спорт за поддршката, но истакнаа дека борбата со „ветерници“ станала невозможна.
Што точно значи ова за иднината на женскиот фудбал во Македонија и дали надлежните институции (ФФМ и Министерството за спорт) ќе реагираат на ваквите сериозни обвинувања, останува да видиме во периодот што следи.



