После паузата во Формула 1, возачите и тимовите полека пристигнуваат во Белгија каде викендов ќе се вози трката на една од најлегендарните патеки СПА.
Интересот на медиумите не стивнува околу иднината на четирикратниот шампион Макс Верстапен, па тие повторно во фокусот ги ставија прашањата за дали тој планира да го напушти тимот на Ред Бул.
Верстапен е познат по тоа што не го сака премногу медиумското внимание, па сигурно не му е лесно што во последно време е во нивниот фокус и тоа не поради она што се случува на патеката, туку поради зад кулисните гласини.
На прашањето дали има можност да го напушти сегашниот тим, тој одговори: “Исто така има можност и да не се разбудам утре, па да нема воопшто возење. Животот е непредвидлив. Но генерално, многу сум среќен тука кадешто сум”.

Ова ќе биде прва трка во историјата на Ред Бул без Кристијан Хорнер да биде на чело на тимот, откако во неочекуван пресврт на настаните тој беше отпуштен сред сезона после 20 години поминати во градење на тимот.
Во врска со гласините за заминувањето на Верстапен во Мерцедес, пред медиумите во Белгија свое мислење даде и Тото Вулф, менаџерот на тимот: “Нашата иднина е со Џорџ и Кими, среќни сме со нашите возачи”.
Дали тоа е крај за гласините дека Макс заминува во Мерцедес останува да видиме, па во стилот на шампионот – иднината може да донесе сè.



