Трајковски: “Притисокот е нивни, ние ќе играме своја игра!”

 

Објавено:

Македонската репрезентација вечерва тренира на “Планет Груп Арена” во Гент, на само 24 часа пред големиот дуел против Белгија. Атмосферата во тимот е полна со фокус и верба, но сепак без преголеми зборови и јасна цел.

Еден од најискусните во црвено-жолтиот дрес, Александар Трајковски, повторно ја испрати пораката што совршено ја опишува оваа генерација: смиреност, реалност и вера во себе.

“Белгијците сега знаат против кого играат. Сметам дека ќе имаат поголем респект кон нас. Притисокот е на нив”, рече Трајковски. “Ние секој натпревар го играме исто, се подготвуваме на ист начин. Притисокот расте како што се ближи крајот на циклусот, но мора да го тргнеме на страна и да играме како што знаеме. Целта е јасна – да стигнеме до поволен резултат”.

Трајковски, кој веќе има искуство со решавачки голови во најтешки моменти, како оној во Палермо против Италија, добро знае што значи меч под притисок. Но, и тој верува дека Македонија има што да покаже и против ривал со квалитет и историја како Белгија.

“Мислам дека ова ќе биде добар натпревар и дека нема да им биде лесно ниту на нив”, додаде тој. “Како што доаѓа крајот на квалификациите, притисокот расте и за нив и за нас. Ова може да биде една од клучните средби во борбата за пласман. Белгија секогаш е силна, без разлика на генерацијата, но и ние знаеме што носиме во себе”.

Сцената е подготвена, а Гент ќе биде местото каде Македонија ќе се обиде уште еднаш да покаже дека не признава големи имиња, туку само голема желба.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено