Сенката на „Калчополи“ повторно надвисна над италијанскиот фудбал. Актуелниот шеф на судиската организација за Серија А и Б, Џанлука Роки, како и супервизорот на ВАР-системот, Андреа Гервасони, се под официјална истрага на Обвинителството во Милано за соучесништво во спортска измама.
По добивањето на известувањето за истрагата, и Роки и Гервасони донесоа одлука за итна самосуспензија од своите функции во рамките на Асоцијацијата на италијански судии (АИА).
Сомнежи за притисок во ВАР-собата
Истрагата, предводена од обвинителот Маурицио Асчионе, се фокусира на настани од сезоната 2024/2025, но и на претходната година. Еден од клучните инциденти е натпреварот Удинезе – Парма (1 март 2025). Според обвинението, Роки (кој бил присутен во ВАР-собата во Лисоне како супервизор) извршил притисок врз ВАР-судијата Даниеле Патерна.

Снимките наводно покажуваат како Роки чука на стаклото од собата, по што Патерна кој првично не сметал дека има пенал, го повикува главниот судија Фабио Мареска да ја прегледа снимката и да досуди најстрога казна за Удинезе.
Втор сомнителен случај е дуелот Интер – Верона (јануари 2024), каде ВАР-собата, на чело со Луиџи Наска, „замижува“ пред намерен удар со лакт од страна на Алесандро Бастони, по што Интер постигнува одлучувачки погодок.
Обвинувања за делегирање на „подобни“ судии
Покрај случувањата на теренот, Роки се соочува со сериозни обвинувања за манипулација со делегирањето на судиите во клучните моменти од трката за Скудетото.
Според Обвинителството, тој намерно го делегирал Андреа Коломбо, сметан за судија „пододен“ за Интер за натпреварот Болоња – Интер (април 2025). Истовремено, судијата Даниеле Довери, кој наводно не им одговарал на „Нероаѕурите“, бил наменски делегиран за полуфиналето во Купот на Италија, само за да биде тргнат од ротацијата за важните натпревари на Интер во Серија А.

Роки во своето соопштение изјави дека неговата одлука за повлекување е за доброто на судиската организација, изразувајќи уверување дека ќе ја докаже својата невиност и ќе излезе „посилен од кога било“.
АИА веќе свика итен состанок за решавање на кризата, додека цела Италија чека расплет на скандалот кој сериозно го тресе угледот на Серија А.



