Вардар ја впиша својата втора победа оваа сезона, славејќи со 1:2 на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци. Натпреварот беше решен во вториот дел, кога “црвено-црните” создадоа недостижна предност, а домашните успеаја само да го ублажат поразот.
Првата вистинска закана дојде уште во 20-та минута, кога Закариќ беше лице в лице со Стевковски, но голманот на Тиквеш со блескавa интервенција ја спаси својата мрежа. Домаќините возвратија во 34-та минута: Стојанов го мина Талески и му подаде на Ивановски пред празен гол, но Данев со херојска блокада го спречи водството на Тиквеш, за двата тима да заминат на паузата со нерешен резултат од 0:0.
Во 52-та минута, сценариото се смени. По корнерот на Босанчиќ, Матиќ највисоко скокна и со прецизен удар со глава го совлада Стевковски за 0:1. Само четиринаесет минути подоцна, нов удар за Тиквеш. Повторно корнер на Босанчиќ, овојпат Матиќ погоди во пречката, но топката се одби до Мато кој ја испрати во мрежата за 0:2.

Тиквеш сепак не се предаде. Ивановски во 66-та минута ја погоди стативата, а во судиското надополнување конечно ја пронајде мрежата со прецизен удар од 20 метри. Но, за домашните немаше време за целосно враќање во играта, па натпреварот заврши со конечни 1:2 и голема радост за Вардар.
Во 67-та минута имаше спорен момент кога домашниот тим и навивачите мислеа дека судиската одлука за недосудување на корнер беше неисправна, но ФФМ се огласи во врска со оваа сиутација и вечерва на нивната веб страна ја објавија снимката на која се гледа дека судиската одлука била соодветна.



