Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот го игра натпреварот против Словенија, а Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) објави официјално известување и логистички детали за сите наши навивачи кои се присутни во Љубљана.
Централното збирно место за македонските фанови денес е лоцирано кај познатите Трите моста во самиот центар на градот. Според планот, точно во 18:45 часот од фан зоната организирано ќе се тргне пеш кон локацијата предвидена за превоз. Оттаму, фановите ќе бидат преземени од три автобуси кои директно ќе ги превезат до стадионот „Стожице“ и до секторот наменет за гостинските навивачи.
Од федерацијата упатија апел до сите поддржувачи кои сакаат да го користат организираниот превоз да пристигнат навреме во фан зоната, со цел транспортот да се реализира без доцнење и според предвидената динамика. За целосна безбедност и олеснување на движењето, ФФМ потврди дека е обезбеден организиран превоз и по завршувањето на натпреварот, кој ќе ги врати навивачите од стадионот назад кон центарот на Љубљана.
Со оглед на големиот број Македонци кои живеат и работат во Словенија, очекуваме голема поддршка за црвено-жолтите од трибините. Напред Македонија!






