Додека светот е опседнат со политика, поделби и изборни трки кои ретко кого инспирираат, во Лисабон се одржаа вистинските избори: празник на демократијата, страста и љубовта кон еден клуб. Претседателските избори во Бенфика влегоа во историјата, поставувајќи нов светски рекорд за најголема излезност на клупски избори во историјата на фудбалот.
Неверојатни 85.422 членови (сосиос) на клубот излегоа на 108 гласачки места низ целиот свет, од Лисабон до Амстердам и Њу Бедфорд, за да гласаат за иднината на својот сакан клуб. Со ова, Бенфика го сруши претходниот рекорд што го држеше Барселона (57.088 гласачи), покажувајќи што значи вистинска “фан-сопственост” (fan ownership).
Ова се единствените избори за кои Спортска Станица е заинтересирана да известува. Оние каде што страста ја победува апатијата.
Битка на шест кандидати, вклучително и “поранешен осуденик“
Причината за ваквата историска излезност лежи во неверојатно тензичната трка за претседателското столче. Навивачите на Бенфика беа повикани да избираат меѓу дури шест кандидати, од кои секој носеше различна приказна.
Главната битка се водеше меѓу актуелниот претседател и клупска легенда, Руи Коста, и главниот опозициски кандидат, Жоао Нороња Лопес. Сепак, најголемо внимание предизвика враќањето на поранешниот, долгогодишен претседател Луис Филипе Виеира, кој беше принуден да се повлече откако беше ставен во куќен притвор поради истраги за перење пари и други кривични дела.
На крајот, и покрај незадоволството од резултатите во последните сезони (кои му овозможија на ривалот Спортинг да освои две титули), победи “старата гарда”. Иако помладите членови (чии гласови вредат помалку) гласаа за промени, постарите членови (чии гласови вредат и до 50 пати повеќе) му дадоа нова доверба на Руи Коста.
As primeiras palavras de Rui Costa, o 34.º Presidente da história do Clube. pic.twitter.com/fsRZHs7Y3V
— SL Benfica (@SLBenfica) October 10, 2021
Оваа рекордна бројка е доказ дека фудбалот не е само игра, туку страст и идентитет за кој членовите се подготвени да се борат. Кога навивачите имаат моќ да одлучуваат, тие се појавуваат во рекорден број: лекција што многу други клубови допрва треба да ја научат.


