Петти натпревар по ред. Точно 450 минути, плус судиски продолженија, во кои македонската фудбалска репрезентација нема постигнато погодок. Но, спортската трагедија не е само во нулите на семафорот; вистинскиот очај лежи во фактот што ние немаме створено ниту една сериозна шанса за гол. Летаргија, јаловост и безизлезност се зборовите кои најдобро ја опишуваат моменталната слика на теренот, а скромната посета на Националната арена „Тодор Проески“ на самиот почеток од овој циклус во Лигата на нации кажува сè.
Фудбалскиот гледач знае да препознае. Реалноста е сурова, дури и да играме уште 50 натпревари со ваков пристап, чувството е дека мрежата ќе остане да мирува. Оние славни денови и големи победи изгледаат како да се случиле пред неколку децении, а не пред само неколку години. И како што вели онаа стара народна мудрост, фудбалската репрезентација на една држава е само огледало на општата состојба во самата држава.
Гаштаров, Димитриевски и селекторските апсурди
Не треба да се лажеме и да бараме алиби во противникот. Швајцарија е силна репрезентација, но не е Англија, Италија, Германија или Холандија. А такви светски велесили во минатото паѓале од нашата светост. Она што е важно да се напомене е дека немаме апсолутно никаква замерка за залагањето на играчите, желба и труд не недостигаше кај ниту еден од нив кои истрчаа на тревникот.
Иако сметавме дека е преголем залак за деби натпревар на толку одговорна позиција, младиот Матеј Гаштаров беше една од ретките светли точки. Иако во 48. минута доби директен црвен картон, ВАР реагираше и судијата заслужено ја промени одлуката во жолт картон. Покрај него, тука е и постојано торпедираниот Столе Димитриевски, кој спаси вистински дебакл бранејќи се од дури 23 удари (од кои двоцифрен број во рамките на голот), како и резервистот Димитар Митровски кој искрено се надеваме дека ќе добие шанса во првите 11 во иднина.
Но, тука завршува позитивата и почнуваат апсурдите на стручниот штаб. Со што точно Азер Омерагиќ заслужи да добие минути на теренот во националниот дрес? Тоа веројатно го знае само клупата, а реалноста е дека ваквите потези се директно вреѓање на интелигенцијата на секој барем малку упатен љубител на македонскиот фудбал.
Швајцарската лекција! Доминација дури и без главните ѕвезди
Додека Македонија тонеше во својата безидејност, Швајцарците одржаа фудбалска лекција. Предводени од Мурат Јакин, тие допатуваа во Скопје со сериозни проблеми во соблекувалната. Капитенот Гранит Џака беше отстранет од тимот поради скандалот со лажиран сертификат за вакцинација од 2022 година, додека напаѓачот Брил Емболо одбива да игра под водство на овој селектор.
Сепак, нивната машина не застана. Ардон Јашари беспрекорно го замени Џака на средината на теренот, додека апсолутен херој на вечерта беше Зеки Амдуни. Офанзивецот прво мајсторски му асистираше на Ремо Фројлер за водечкиот гол во 22. минута, а потоа сам ја тресеше нашата мрежа во 41. и 74. минута за конечни 0-3. Дан Ндоје беше постојана закана, а во еден наврати ја погоди и стативата.
Теренот кој стана мета на критики
Впечатокот е јасен, Швајцарија во второто полувреме очигледно го намали темпото за да ги заштеди силите за следните предизвици. Доколку сакаа да „запнат“, можеа да ни создадат уште многу дополнителни шанси и голови.
За крај, останува горчливиот вкус и од критиките на гостинскиот селектор. Мурат Јакин отворено се пожали на катастрофалниот терен на нашата национална арена, истакнувајќи дека тревата била долга дури 7 сантиметри, поради што морале последниот тренинг пред натпреварот да го одработат во Турција. За да се врати вербата кај македонската публика, ќе мора нешто многу драстично да се промени, од квалитетот на тревата, па сè до пристапот кон светиот национален дрес.






