Фудбалот во Кратово денеска повеќе наликуваше на борба за преживување отколку на игра. На терен кој беше на границата на регуларноста, потопен во вода и кал, екипата на Арсими се покажа како поснаодлива и приреди големо изненадување, совладувајќи го фаворизираниот Силекс со 1-3.
Натпреварот доцнеше 20 минути поради очајната состојба на теренот, но тоа не ги спречи гостите од Чегране да ја искористат секоја грешка на домаќините.
Хуриќ шокираше пред паузата, Ајдини и Таипи дотолчија
Иако Силекс имаше иницијатива и ја погоди стативата преку Бутуровиќ, казната стигна во најлош можен момент. Во 44. минута, Мирнел Хуриќ се снајде најдобро во калта и донесе предност од 0-1 на полувреме.
Во вториот дел, „резервистот“ Ринор Ајдини зголеми на 0-2 во 61. минута. Силекс успеа да се врати во игра преку Мартин Мирчевски (75′), кој начека одбиена топка од пречката.
Прославата на денот: „Капење“ во калта
Точка на натпреварот стави Албан Таипи во 81. минута со прецизен удар за 1-3. Но, она што ќе се памети е неговата прослава, тој буквално се фрли и се „избања“ во вирот со вода на теренот, славејќи ја големата победа како мало дете.
Со оваа победа, Арсими се искачи на 21 бод, додека Силекс останува на 4-тата позиција со 28 бодови.



