Шпанија има нов крал на купот! Во драматично финале на стадионот „Ла Картуха“ во Севилја, Реал Сосиедад го совлада Атлетико Мадрид по подобро изведување пенали (4:3), откако натпреварот заврши 2:2 по продолженијата.
Реал Сосиедад по четврти пат во својата историја го подигна престижниот трофеј во Копа дел Реј. Ова е триумф кој ги обедини генерациите на „чури-урдин“, но и победа која влегува во историските книги поради стратегот Пелегрино Матарацо, кој стана првиот американски тренер со голем трофеј во „лигите на петката“(тој е роден и израснат во Америка од италијански имигранти, па се смета како првиот Американец иако името не може да му биде поиталијанско) .
⭐️ Babestu gaituen 𝗜𝗭𝗔𝗥𝗥𝗔
— Real Sociedad Fútbol (@RealSociedadEUS) April 19, 2026
Izugarria, Marre. pic.twitter.com/ieNbFgC2In
Експресен старт и луда драма
Натпреварот започна со шок за Диего Симеоне. По само 14 секунди игра, Андер Баренечеа со глава ја затресе мрежата на Мусо по центаршутот на Гуедеш, постигнувајќи го најбрзиот гол во историјата на финалињата во купот.
Атлетико успеа да се врати во 18-та минута преку Адемола Лукман, но Сосиедад замина на одмор со предност благодарение на пеналот кој го реализираше капитенот Микел Ојарзабал во судиското продолжение.
Во второто полувреме, Атлетико фрли сè на една карта. По многу пропуштени шанси, Хулијан Алварез во 83-та минута со вистински проектил од работ на шеснаесеттникот донесе израмнување и ги испрати своите навивачи во транс.
Унаи Мареро – Херојот на пенал-рулетот
По исцрпувачките продолженија во кои двете екипи ја погодија рамката од голот (Алварез за Атлетико, Оскарсон за Сосиедад), победникот се одлучуваше од белата точка.
Младиот голман на Сосиедад, Унаи Мареро, израсна во херој со две одбрани во првите две серии (на Сорлот и Алварез). Одлучувачкиот пенал го изведе младиот Пабло Марин, кој со ладнокрвен удар под пречката ја донесе титулата во Сан Себастијан.
„Ова е чиста радост. Кога Марин погоди, сфатив дека е реално. Овој успех е плод на напорната работа на овие фантастични момци,“ изјави емотивниот Матарацо по мечот.
Разочарување за Симеоне пред Арсенал
За Атлетико Мадрид ова е тежок удар во сезона во која заостануваат 22 бода зад Барселона во Ла Лига. Диего Симеоне призна дека поразот боли, но сега мора брзо да ги консолидира редовите за полуфиналето во Лигата на шампионите против Арсенал (29 април).



