Иако денес не го започна натпреварот во стартниот состав, сепак нашиот Елиф Елмас беше во центарот на вниманието пред почетокот на натпреварот меѓу Наполи и Аталанта.
На Елмас, кој на претходниот меч против Болоња го одигра својот 200-ти натпревар во синиот дрес, му беше врачено признание за значајниот јубилеј, по што беше поздравен со овации од навивачите на стадионот Диего Армандо Марадона.
Видеото беше подоцна споделено на социјалните мрежи на клубот од Неапол со описот: „Дијамант од 200 карати“.
Пред ова лето да се врати во тимот каде ја имаше најуспешната епизода од неговата досегашна кариера од 2019 до 2024 година, тој настапи кратко за Лајпциг и Торино. Сега тој е повторно во тимот со кој го освои Скудетото и стана шампион на Италија.



