Фудбалот е непредвидлива игра, но она што се случи на „Чилдренс Мерси Парк“ во Канзас Сити дефинитивно влегува во аналите на најатрактивните натпревари оваа сезона. Во меч кој ќе се прераскажува долго, Филаделфија Унион успеа да надополни негатива од три гола и да слави со 4:3 против Спортинг Канзас Сити.
Во центарот на овој епски пресврт беше нашиот Милан Илоски. Ако некој имаше сомнеж, по овој настап работите се кристално јасни, Милан Илоски во моментов изгледа како најдобриот и најкомплетиот македонски фудбалер на планетата!
Кошмарен старт и негатива од три гола
Првото полувреме наликуваше на вистински хорор за гостите. Спортинг Канзас Сити тргна фуриозно и за само 16 минути целосно ја шокираше одбраната на Филаделфија.
Бразилецот Андре Луиз постигна два брзи гола, прво во 5. минута, а потоа и во 10. минута со прецизен удар надвор од шеснаесетникот. Кога Вајат Маер во 16. минута зголеми на 3:0, изгледаше дека натпреварот е веќе завршен и дека на Филаделфија ѝ се заканува вистински дебакл.
Девет минути чиста магија и шоу на Илоски
Она што се случи во вториот дел е доказ зошто фудбалот е најважната споредна работа на светот. Чудото започна во 64. минута кога Бруно Дамијани намали на 3:1. Само две минути подоцна (66′), 16-годишното чудо од дете Каван Саливан ја затресе мрежата за 3:2, враќајќи ја надежта кај гостите.
А потоа, на сцена стапи Милан Илоски. Во 68. минута, по одлична акција и асистенција од Квин Саливан, македонскиот напаѓач откако одби да падне во шеснаесеттникот по жестокиот старт на одбрамбениот фудбалер, упати неодбранлив удар со десната нога од тежок агол, директно во горниот десен агол на голот! Израмнување на 3:3 и целосна ерупција од одушевување!
The Philly way. Nothing but grit and determination. pic.twitter.com/yXIzL7tjNM
— Philadelphia Union (@PhilaUnion) September 20, 2026
Целосниот шок за домаќините беше комплетиран во 73. минута, кога под силен притисок по прекин, Зорхан Басонг си постигна автогол, поставувајќи го конечниот резултат од 4:3. Четири гола за само девет минути, еден од најлудите пресврти во историјата на МЛС лигата!
Илоски блеска, а црвено-жолтиот дрес со неговото презиме на него, сè уште е мистерија…
Гледајќи го Милан Илоски како доминира на терените ширум Америка, дебатата за неговиот статус во македонската репрезентација станува сè погласна и понеизбежна.
Како што ветивме во нашата неодамнешна анализа, каде ги коментиравме изјавите на селекторот Гоце Седлоски: „Нашата редакција детално ќе ја истражува оваа изјава во наредните денови. Иако ставот ‘да не се моли никого’ звучи принципиелно и ја чува репрезентативната гордост, факт е дека на Македонија ѝ е неопходен секој грам достапен квалитет“.
Спортска Станица интензивно работи на овој случај и можеме да ви потврдиме дека имаме нови информации за случувањата зад кулисите. Во тек е директна истрага на ситуацијата во комуникација со самиот играч. Наскоро очекувајте нова ексклузивна статија која конечно ќе ги расчисти или пак ќе ги докомплицира работите околу македонскиот дрес и статусот на Илоски. Приказната станува многу позаплеткана отколку што изгледа на прв поглед!



