4.8 C
Skopje

(Видео) Фудбалска судбина: Тудор и Ковач, 25 години подоцна, ја повторија историјата!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

На 13 септември 2000 година, се одигра еден од оние натпревари кои се толку добри, што изгледаат како да се измислени. Во Хамбург, во рамките на првото коло од групната фаза во Лигата на шампионите, домашниот Хамбургер и италијанскиот гигант Јувентус одиграа спектакуларно реми од 4:4, во натпревар кој имаше сè, осум гола, пресврти, хет-трик, два пенали и двајца балкански херои.

Овој натпревар, кој е еден од најголемите класици во историјата на натпреварувањето, доби уште поневеројатна димензија точно 25 години подоцна, кога историјата се повтори на еден бизарен и неверојатен начин.

Судир на титаните: Осум гола, хет-трик на Пипо и гол на голманот!

Тоа беше судир на две фудбалски филозофии и две екипи преполни со ѕвезди. Од една страна беше моќниот Јувентус, предводен од Зинедин Зидан, Алесандро Дел Пјеро, Едгар Давидс и незапирливиот Филипо Инзаги. Од друга, цврстиот Хамбургер, со легендите како Сергеј Барбарез и Тони Јебоа.

Натпреварот започна фуриозно. Хрватскиот дефанзивец Игор Тудор го отвори резултатот за Јуве уште во 6-тата минута, но само 11 минути подоцна, Тони Јебоа израмни на 1:1. До крајот на полувремето, Пипо Инзаги го доведе Јувентус во водство од 2:1.

Второто полувреме беше вистинско лудило. Инзаги зголеми на 3:1, но тогаш следуваше неверојатен кам-бек на Хамбургер. Прво, Махдавикија намали на 3:2, потоа голманот Ханс-Јерг Бут од пенал израмни на 3:3, за на крајот, уште еден Хрват, Нико Ковач, да донесе целосен пресврт и водство од 4:3 во 82-та минута.

И токму кога се чинеше дека германскиот тим ќе стигне до голема победа, на сцена повторно стапи Пипо Инзаги, кој со гол од пенал во 88-та минута го комплетираше својот хет-трик и ги постави конечните 4:4.

Погледнете ги сите осум гола од овој незаборавен натпревар:

25 години подоцна: Историјата се повторува!

Овој натпревар можеби ќе останеше само убава меморија за постарите фанови, ако не се случеше неверојатната коинциденција вечерва. Имено, во првото коло од овогодинешната Лига на шампиони, се одигра уште еден натпревар кој заврши со идентичен резултат, 4:4, и тоа повторно помеѓу Јувентус и еден германски тим, Борусија Дортмунд.

Но, тоа не е сè. На клупата на Јувентус сега седи Игор Тудор, а на клупата на Борусија Дортмунд е Нико Ковач, истите двајца играчи кои постигнаа голови на оној легендарен натпревар пред 25 години!

“Не можете да ме убедите дека не живееме во симулација”, “Тудор и Ковач пред натпреварот: ‘Друже, се сеќаваш на 2000-та? Можеме да ја направиме најсмешната работа!'”, беа само дел од коментарите на социјалните мрежи.

На крајот, ова е само уште еден доказ дека фудбалот ги пишува најневеројатните приказни. Приказни кои, дури и по 25 години, успеваат да нè остават без зборови.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено