Тигран Барсегјан, поранешниот фудбалер на Вардар и еден од најдобрите странци што некогаш играле во македонската лига, се најде во центарот на голем скандал. На синоќешниот квалификациски натпревар помеѓу Ирска и Ерменија, Барсегјан, кој сега е капитен на својата репрезентација, направи непромислен потег кој го чинеше исклучување и веројатно го чинеше пласман на неговата земја.
Во 52-та минута, по еден вербален дуел, ерменскиот “Хулк” го загуби разумот и со глава го удри противничкиот играч Фин Азаз, по што судијата веднаш му покажа директен црвен картон.
“Зидан од Тему”, “Слаб удар”, социјалните мрежи удрија по ерменецот
Овој потег, кој потсети на легендарниот удар на Зинедин Зидан, предизвика лавина од хумористични и критички коментари. “Ако веќе удираш со глава, барем удри го како што треба”, “Зидан се превртува во гроб… а чекај, тој е жив!”, “Ова е Зидан нарачан од Алиекспрес”, беа само дел од реакциите.
Факт е дека ударот не беше силен, но беше доволно глупав за судијата да нема друг избор. Ова е само уште еден доказ за вжештениот темперамент на Барсегјан, нешто што македонската публика добро го памети.
Tigran Barseghyan sent off for Headbutt on Finn Azaz
byu/supwassup insoccer
Од херој во Скопје до трагичар во Даблин
Македонските навивачи го паметат Тигран Барсегјан како еден од клучните играчи во историската генерација на Вардар, која во 2017 година го елиминираше Фенербахче и за првпат се пласираше во групната фаза на Лига Европа. Неговата брзина, сила и разорниот удар го направија миленик на “Комитите” и еден од најдобрите играчи во лигата.
Тој беше дел од шампионскиот тим на Вардар во 2017 година, а потоа имаше успешни епизоди во Казахстан и Словачка, каде што со Слован Братислава играше и во Лигата на шампионите.
“Ја изгуби главата”: Селекторот и соиграчите разочарани
По натпреварот, кој Ерменија го загуби со 1:0 (Ирска го искористи играчот повеќе и постигна гол во 70-тата минута), сите беа разочарани од потегот на капитенот.
“Тој ја изгуби главата. Тоа се случува во жарот на борбата, но последиците беа тоа што останаа со играч помалку”, изјави Фин Азаз, играчот кој беше удрен.
Селекторот на Ерменија, Јегише Меликјан, ја презеде одговорноста.
“Грешката на мојот играч е и моја грешка. Тој се извини во соблекувалната. Да не беше црвениот картон, сигурен сум дека ќе освоевме бод”, изјави Меликјан.
На крајот, ова е тажен момент за еден играч кој остави длабока трага во македонскиот фудбал. Момент кој покажува како една секунда невнимание може да уништи сè.