(Видео) Кога балкански татко тренира УФЦ шампион: Што се случува кога ќе се спојат Balkan Dad и Александар Волкановски?

 

Објавено:

Овој текст го пишуваме за сите оние кои се доволно паметни да немаат социјални мрежи (или барем не висат на нив по цел ден), па можеби пропуштиле еден од најјаките кросовери на интернет.

Замислете ситуација: УФЦ шампион, еден од најдобрите борци на планетата, наместо во високотехнолошка сала со крио-комори, тренира во двор. Наместо протеински шејкови, пие ракија од шише, а спортските повреди му ги лекуваат со лист од зелка. Звучи познато?

Ова не е сценарио за некоја нова балканска комедија, туку генијална соработка помеѓу интернет сензацијата Balkan Dad и УФЦ ѕвездата со македонски корени, Александар Волкановски.

Кој е Balkan Dad? (За оние што живеат под камен)

Ако не знаете кој е Balkan Dad, веројатно не сте виделе ни како се прави вистински бурек. Зад овој ултра-популарен профил (кој брои милиони следбеници) стои Милош Недељков. Тој е по потекло од Србија, но пораснал во Нов Зеланд и Австралија. Откако за време на пандемијата останал привремено без работа, решил да снима кратки видеа инспирирани од неговиот покоен татко и типичниот „балкански мајндсет“.

Иако почнал со американски хумор, Милош брзо сфатил дека она што му лежи на срцето, балканскиот менталитет за кој увиде дека е вистински рудник за злато. Неговиот лик е класичен татко од нашите простори: строг, принципиелен, обожава скара, не признава модерна медицина покрај ракија и кромид, и секако, неговата култна фраза: „Ма какав parsley (магдонос) бре!“

Целта на Милош? Да го промовира Балканот во најубаво светло – преку храната, културата, хуморот и семејните вредности, разбивајќи ги стереотипите дека ние сме само географска точка позната по проблеми.

Александар „Велики“ Волкановски: Македонска крв, австралиска адреса

Од другата страна на овој кросовер е човек кој не треба многу да се претставува во спортскиот свет. Александар Волкановски (37) е двократен УФЦ шампион во перолесна категорија. Роден во Волонгонг, Австралија, Волкановски со гордост го носи прекарот „Велики“ (The Great) инспириран од Александар Македонски, бидејќи има македонски татко (од село Беранци) и мајка Гркинка.

Волкановски е феномен. Почнал со грчко-римско борење, па преминал на рагби (каде тежел дури 97 килограми!), за на крај, на 22 години, да почне со ММА. Резултатот? Еден од најдоминантните борци во историјата на УФЦ, познат по своето „кардио“, неверојатната сила и нескршливиот карактер. А од каде му е таа сила?

„Мојот татко е бетонар и тој и брат ми отсекогаш биле силни. Бевме кралеви во туркање рака! Таа моќ е вградена во нас. Моите македонски роднини велат дека тоа е поради македонското наследство. Иако грчките роднини го велат истото“ изјави Волкановски во едно интервју.

За него, семејството е сè. На градите има тетоважа „FAMILY“ и отворено признава дека неговата единствена мотивација за влегување во октагонот се неговата сопруга Ема и нивните четири ќерки.

Кога тренингот вклучува „влечки“ и ракија

Што се случува кога овие двајца ќе се сретнат? Експлозија од смеење. Во видеото кое стана хит (и кое можете да го погледнете подолу), Balkan Dad ја презема улогата на главен тренер на Волкановски.

Тренинг методите се „врвни“:

  • Спарниг партнер не е друг борец, туку избегнување на класичната „Адидас влечка“ (омиленото оружје на балканските родители).
  • Паѓање во несвест од замор? Нема проблем, тука е универзалниот лек, мирис на лук или кромид.
  • Спортски повреди? Никаков мраз или скапи креми! Само лист од зелка и малку ракија.

Навивачите експлодираа во коментарите. Еден од нив напиша: „Конечно Волкановски добива квалитетен тренинг, браво бре!“, додека друг додаде: „Спремни сме за Брок Леснар бре!“

Вистински балкански појадок за шампиони

Освен напорниот тренинг, шампионот мора и добро да јаде. Во второто видео, двојката подготвува вистински балкански појадок. Заборавете на овесни снегулки и авокадо тост. Тука зборуваме за сланина, јајца, домат, кромид и секако, утринска голтка од сок од кисели краставички за будење на организмот!

Иако Волкановски е светска ѕвезда, тој останува едноставен човек кој не заборава од каде доаѓа. А Милош (Balkan Dad) уште еднаш покажа дека хуморот и храната се најдобриот начин да се спојат луѓето.

А сега, извинете не, одиме да ставиме зелка на коленото и да каснеме малку сланина. Ма какав парсли, бре!


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено