(Видео) Лече – Рома 0:2: Напаѓачите стрелаа, Довбик повторно се повреди

 

Објавено:

Екипата на Рома успеа да се врати на победничките патеки во Серија А, славејќи со сигурни 0-2 на гостувањето кај Лече. По контроверзниот пораз од Аталанта, избраниците на Џан Пјеро Гасперини покажаа карактер, а најмногу израдува фактот што стрелци беа напаѓачите кои во изминатиот период беа под голем притисок – Еван Фергусон и Артем Довбик.

Сепак, триумфот на „Виа дел Маре“ имаше горчлив вкус за „волчицата“ поради новата повреда на Довбик и суспензијата на клучниот играч во средниот ред.

Фергусон ја проби ледената завеса

Рома влезе во мечот десеткувана поради суспензии, повреди и играчи кои се на Африканскиот куп на нации, но тоа не ги спречи да доминираат уште од старт. Веќе во 14. минута, магичното додавање на Пауло Дибала го пронајде Еван Фергусон, кој со прецизен удар од 15 метри ја погоди мрежата за 0-1.

Младиот Писили исто така ја затресе мрежата во првиот дел, но неговиот гол беше поништен поради офсајд. Домаќините најголемата шанса за израмнување ја пропуштија преку Пиероти, кој неспретно реагираше во идеална позиција во 59. минута.

Довбик потврди победа, па се повреди

Рома го запечати триумфот во 71. минута. По корнерот на Дибала, топката дојде до Артем Довбик, кој од непосредна близина ја смести во мрежата за 0-2. Но, радоста траеше кратко. Украинскиот напаѓач веднаш се фати за задната ложа и мораше предвреме да го напушти теренот.

Драмата продолжи кога Брајан Кристанте се обиде да ја сопре играта за да му се укаже помош на соиграчот, што предизвика турканица на теренот. Кристанте заработи жолт картон, поради кој ќе го пропушти следниот натпревар против Сасуоло.



Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено