По репрезентативната пауза, клупскиот фудбал се врати на голема врата, а саботната понуда ни донесе неколку спектакуларни натпревари низ цела Европа. Од Премиер лигата, преку Ла Лига и Серија А, па сè до големото германско дерби – ова беше ден исполнет со возбудувања, драма и голови во последен час.
Премиер лига: Халанд и Велбек ги решија дерби-дуелите, Арсенал се “испоти” со Фулам
- Манчестер Сити 2:0 Евертон: Тимот на Пеп Гвардиола долго се мачеше да го скрши отпорот на цврстиот Евертон, но потоа на сцена стапи човекот-машина. Ерлинг Халанд со два гола во второто полувреме (58’ и 63’) го реши победникот и ја продолжи својата неверојатна голгетерска серија.
- Брајтон 2:1 Њукасл: Вистинска драма на “Амекс” стадионот. Ветеранот Дени Велбек со два гола беше херој на „галебите“. Прво донесе водство во 41-та минута, а откако Ник Волтемаде израмни со спектакуларен гол со пета во 76-тата минута, Велбек со својот втор гол во 84-тата минута донесе голема победа за својот тим.
- Фулам 0:1 Арсенал: “Топчиите” се намачија, но стигнаа до клучна победа на гостувањето кај Фулам. Човек на одлука беше Леандро Тросар, кој во 58-та минута го постигна единствениот гол на натпреварот.
Ла Лига и Серија А: Араухо ја спаси Барса, Симеоне го “урна” Наполи на Елмас - Барселона 2:1 Жирона: Кога се чинеше дека Барселона ќе направи уште еден кикс, се појави неочекуван херој. Откако Педри донесе водство, а Аксел Витсел израмни со спектакуларни “ножички”, дефанзивецот Роналд Араухо со гол во 93-тата минута донесе огромна победа за каталонскиот гигант.
- Торино 1:0 Наполи: Наполи, во чии редови Елиф Елмас влезе во игра во финишот, доживеа пораз на гостувањето кај Торино. Единствениот гол на натпреварот го постигна Џовани Симеоне, поранешниот играч на Наполи, кој не го прослави голот од почит кон својот некогашен клуб.
Бундеслига: Кејн го реши “Дер Класикер”, Баерн останува перфектен
Во најголемото германско дерби, Баерн Минхен го победи Борусија Дортмунд со 2:1. Хери Кејн го отвори резултатот со својот 400-ти гол во клупската кариера, Мајкл Олисе зголеми на 2:0, а Јулијан Брант во финишот само го ублажи поразот на „милионерите“.
За крај на денот, во моментов се игра и големото дерби во Серија А помеѓу Рома и Интер, каде што гостите од Милано водат со 0:1, со голот на Анж-Јоан Бони уште во 6-тата минута.