Фудбалот понекогаш пишува сценарија кои ниту најхрабрите режисери во Холивуд не би ги прифатиле. Евертон пристигна на „Театарот на соништата“, го загуби капитенот Колмен во 10-та минута, а три минути подоцна остана со играч помалку бидејќи Идриса Гуеј реши да се пресмета со својот соиграч!
И наместо потоп, следеше чудо. „Карамелите“ го шокираа Манчестер Јунајтед со 0-1, станувајќи првиот тим во историјата на Премиер лигата што победил на „Олд Трафорд“ со играч помалку.

Од тепачка со своите, до слава!
Сè изгледаше готово во таа фамозна 13-та минута. По една расправија во одбраната, Идриса Гуеј збесна и му удри шлаканица на Мајкл Кин. Џордан Пикфорд мораше физички да го држи својот играч за врска, а сцената неодоливо потсети на легендарната тепачка Бојер-Дајер.
Судијата Тони Харингтон немаше милост и веднаш додели директен црвен картон за Гуеј. Евертон изгледаше како тим во распад.
Дусбери-Хол го замолкна Манчестер, Мојс испиша историја
Но, тогаш проработе инаетот. Наместо да се предаде, Евертон „запали“. Кирнан Дусбери-Хол повлече контра напад, стигна до работ на шеснаесеттникот и со прекрасен пласиран удар го матираше младиот голман Сене Ламенс за 0-1.
Од тој момент, Евертон изгради ѕид. Мајкл Кин (иронично, човекот што беше удрен) и Џејмс Тарковски беа беспрекорни, Џејмс Гарнер го „изора“ теренот против својот поранешен клуб, а Пикфорд ги фаќаше сите очајнички обиди на домаќините.
Ова беше ноќ за паметење и за Дејвид Мојс. Шкотланѓанецот, кој преживеа пекол на клупата на Јунајтед, за првпат во својата кариера како гостински тренер слави победа на „Олд Трафорд“.
Свирежи за Аморим на годишнината
За Рубен Аморим, ова беше кошмарна годишнина (една година од неговото деби). Јунајтед беше хаотичен, бавен и без идеја како да го скрши десеткуваниот противник. Џошуа Зиркзе беше непрепознатлив и губеше топки, а ниту ѕвездите како Бруно Фернандеш и Брајан Мбуемо не најдоа лек за пожртвуваната одбрана на гостите. На крајот, „Олд Трафорд“ го испрати својот тим со силни свирежи.




