(Видео) Меси со лекција за Роналдо: „Бог ми даде дар, но јас се жртвував за него“

Објавено:

Лионел Меси ретко дава интервјуа, а деновиве даде две – едно за бизнис форум и едно подетално, спортско. И каков неверојатен контраст е тоа во споредба со неговиот вечен ривал.

Додека Кристијано Роналдо во своето интервју објаснуваше зошто „Меси не е подобар од него“ и контрадикторно тврдеше дека Светското првенство „воопшто не му е сон“, Аргентинецот одржа лекција по филозофија.

На 38 години, Меси зборува како човек кој го „завршил“ фудбалот – смирено, искрено и фокусирано на она што следува.

„Нема ништо повеќе после Светското првенство“

Најмоќната изјава од двете интервјуа беше обидот да го опише чувството по освојувањето на Светското првенство. Тој го спореди со само едно нешто во животот. „Чувството кога ја освоив светската титула… ја имав истата сензација како кога ми се родија децата. Тоа е максимумот. Нема ништо повеќе после тоа. Го освоив тоа и ја затворив кариерата“, изјави Меси.

Тој, исто така, за првпат отворено призна дека периодот во Париз бил фудбалски тежок: „Во ПСЖ, на фудбалско ниво, не уживав. Беше тешка промена, сè беше ново за мене. За разлика од тоа, одлуката да дојдам во Мајами беше лесна, среќни сме тука“.

„Се ближи моментот… тешко е“

На прашањето за иднината, Меси беше филозофски искрен за пензијата, особено сега кога неговите пријатели Жорди Алба и Серхио Бускетс најавија крај.

„Тешко е. Гледаш како тие се повлекуваат и сфаќаш дека моментот се приближува и за тебе. Сè уште не сум подготвен да се откажам и знам дека ќе ми недостига. За СП 2026? Би сакал да играм, но само ако се чувствувам добро физички и можам да придонесам на највисоко ниво“.

„Дарот од Бог“ и „жртвата“

Кога го прашаа како уште доминира, Меси даде совршен одговор за вечната дебата „талент или работа“:

„Секогаш велам дека Бог ми даде ‘дар’. Ме избра мене. Но, веднаш потоа, јас вложив многу жртва и напор за да го зајакнам тој дар. Многу луѓе имаат талент, но мора да се работи напорно“.

Во интервјуата, Меси зборуваше и за неговите нови бизнис вложувања во хотели и ресторани, како и за организацијата на „Меси Купот“ за У16 екипи во Мајами.

Додека Роналдо сè уште гласно се бори за своето наследство, Меси – кој го комплетираше фудбалот – сега мирно гради ново, надвор од теренот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено