Од време на време во светот на спортот ќе наидете на приказни кои зрачат со позитивност, искрена емоција и радост, а токму таква е и онаа на редарот за време на деби трката во Мадрид.
Иако на патеката во Формула 1 не видовме многу возбудувања (читај: ич), покрај неа еден човек се прослави меѓу аргентинските фанови со својата реакција на чиста радост откако успеа да му го подаде аргентинското знаме на Франко Колапинто.
Станува збор за човекот по име Габриел Андријчиу кој со своето семејство живее во Шпанија, но потекнува од Мендоза, Аргентина. Ова за Габриел била прва Ф1 трка како редар, а откако ги освои симпатиите на фановите ширум светот, тој дури си отвори и Инстаграм профил каде сподели дека и самиот возач му се заблагодарил за знамето.
„Му се заблагодарувам на знаменоносецот. Среќен сум што можев да го веам аргентинското знаме тука, каде имаше толку фанови на трибините. Чувството беше одлично. И после добар резултат што имав таква можност беше многу посебно за мене“, изјави Колапинто.
Погледнете го ова весело видео, и уживајте во моментот на чиста среќа кој можеби и вам ќе ви го разубави денот.
Es lo máximo, el hombre saltaba de felicidad pic.twitter.com/gkBovprhre
— F1Team443 (@Angelesyesii1) September 13, 2026



