Ламин Јамал никогаш не криел дека Нејмар е еден од неговите најголеми идоли, играчот чии видеа ги гледал како дете и чиј „шмек“ се обидува да го пренесе на теренот. Синоќа, токму неговиот идол му ја пружи најголемата поддршка во најтешкиот момент.
По болниот пораз на Барселона од Атлетико Мадрид и елиминацијата од Лигата на шампионите, младиот Јамал се најде во центарот на вниманието (и секако на мета на дел од критичарите) поради еден потег – седењето на топката за време на мечот, што многумина го протолкуваа како ароганција.
Поддршка кога е најпотребна
Додека 18-годишниот тинејџер веројатно тагуваше поради крајот на европскиот сон, од Бразил стигна одговор кој вреди повеќе од илјада зборови. Неколку часа подоцна, на натпреварот на неговиот Сантош, Нејмар ја повтори истата сцена. И тој во еден момент реши да седне на топката покрај корнер знаменцето, правејќи идентична фото-копија на потегот на Јамал.
𝑻𝒆𝒂𝒄𝒉𝒆𝒓 🤝 𝒔𝒕𝒖𝒅𝒆𝒏𝒕 pic.twitter.com/06wckSh9br
— 433 (@433) April 15, 2026
Порака до наследникот: „Не менувај се!“
Ова не беше случајност. Фудбалската јавност ширум светот го препозна овој гест како директен чин на солидарност. Нејмар, кој и самиот низ целата кариера беше мета на напади поради својот провокативен стил на игра, му порача на својот млад обожавател дека магијата не смее да згасне поради еден пораз или поради мислењето на критичарите.
За Јамал, кому Нејмар му е идол од детството, ова е најдобрата можна потврда дека е на вистинскиот пат. Идолот не само што го гледа својот наследник, туку е подготвен и јавно да го заштити, покажувајќи дека фудбалскиот бунтовнички дух е она што ја прави оваа игра посебна.



