Неверојатна драма се случуваше на “Олимпико” во Рим, каде што голманот на Лил, Берке Озер, стана вистински херој со три последователни одбрани од белата точка во завршницата на мечот против Рома во Лигата на Европа.
Францускиот тим поведе рано преку Хакон Арнар Харалдсон, кој во 6-та минута ја искористи грешката на одбраната и ја смести топката во мрежата. Рома долго време бараше израмнување и ја доби најголемата можност во 80-та минута, кога по игра со рака на Аиса Манди, беше досуден пенал.
Тука започна најлудото сценарио што може да се замисли:
Првиот пенал го изведе Артем Довбик, но Озер одбрани. Сепак, ВАР интервенцијата го поништи изведувањето поради навлегување на Ромен Перауд.
На вториот обид, Довбик повторно шутираше, и повторно Озер блесна. Овојпат судијата реши дека голманот прерано се придвижил.
Третиот пенал му беше доверен на Матијас Суле, но и тој наиде на непобедливиот Турчин на голот. Овојпат одбраната важеше и Лил ја однесе победата.
По мечот, тренерот на Рома, Џан Пјеро Гасперини, не можеше да поверува:
“Никогаш досега немам видено три промашени пенали на еден натпревар. Тоа беше речиси уникатна, случајна ситуација која го реши исходот”.
Берке Озер, со своите три историски одбрани, не само што ги донесе трите бода на Лил, туку и напиша страница која долго ќе се раскажува во европскиот фудбал.