Ждрепката во Цирих одлучи – во полуфиналето од баражот за СП 2026 патуваме во Копенхаген. На хартија, Данска е фаворит. Но, историјата вели нешто друго.
Ако ги погледнеме меѓусебните дуели, Македонија нема комплекс од „Викинзите“. Напротив, нашиот меѓусебен скор е перфектно израмнет: Една победа, едно реми и еден пораз.
Ова е приказната за тоа како низ годините се носевме со една од најсилните европски селекции.
1994: Кога „Градски“ грмеше, а Европскиот првак се спасуваше!
Датум: 07.09.1994 Натпревар: Македонија – Данска 1:1 (Квалификации за ЕУРО 96)
Беше тоа романтично време на македонскиот фудбал. Данска во Скопје пристигна како актуелен Европски шампион од 1992 година, предводена од браќата Лаудруп и Петер Шмајхел. На клупата на Македонија седеше легендарниот Андон Дончевски, кој вчера наполни 90 години.
Шокот за гостите пристигна уште во 4. минута. Митко Стојковски беше егзекутор по акцијата од страна на Станојковиќ и Дарко Панчев 1-0!. Македонија играше херојски, дури и откако Дарко Панчев доби црвен картон на почетокот на второто полувреме. Данците успеаја да израмнат дури во 87. минута преку Флеминг Повлсен, спасувајќи се од срам кај дебитантот.
Погледнете го голот на Митко Стојковски и атмосферата:
1995: Машки отпор на „Паркен“
Датум: 26.04.1995 Натпревар: Данска – Македонија 1:0 (Квалификации за ЕУРО 96)
Реваншот се одигра на истиот стадион каде што ќе гостуваме на 26-ти март 2026 – „Паркен“ во Копенхаген. Пред скоро 39.000 гледачи, Македонија предводена од Панчев, Најдоски и Ѓуровски, пружи жесток отпор.
Данската „машинерија“ удираше во ѕид цели 70 минути. Одбраната попушти дури во 71. минута кога Петер Нилсен го постигна единствениот гол на натпреварот. Тоа беше пораз, но пораз со крената глава против апсолутен фаворит.
Инсерти од натпреварот во Копенхаген:
2013: „Рапсодија во црвено-жолто“ – 3:0 за 24 минути!
Датум: 06.02.2013 Натпревар: Македонија – Данска 3:0 (Пријателска)
Последниот наш дуел е оној кој најмногу го сакаме. Предводени од Чедомир Јаневски, Македонија им одржа фудбалска лекција на Данците среде Скопје.
За само 24 минути, мрежата на Каспер Шмајхел (синот на Петер) се тресеше три пати!
- 9. минута: Гранде Горан Пандев го отвори резултатот.
- 17. минута: Агим Ибраими зголеми на 2-0 со прекрасен гол.
- 24. минута: Железниот Николче Новески стави точка на 3-0.
Тоа беше Данска со Кристијан Ериксен, Кјаер и Шмајхел во составот, истите ѕвезди кои и денес се лидери на тимот, но тогаш не знаеја што ги снашло.
Уживајте во головите од 2013:
Биланс: Сосема рамноправни!
| НАТПРЕВАРИ | ПОБЕДИ 🇲🇰 | НЕРЕШЕНИ | ПОБЕДИ 🇩🇰 | ГОЛ РАЗЛИКА |
|---|---|---|---|---|
| 3 | 1 | 1 | 1 | 4 : 2 (+2) |
Данска е силна, но Македонија знае како против нив. Сонот е жив!
Следете нè: Facebook | Instagram | X



