Саботната програма низ најсилните европски лиги донесе неверојатни возбудувања, одлучувачки голови во судиското надополнување и јубилеј на еден од најдобрите напаѓачи.
Имавме драма во Париз, „блицкриг“ на Виљареал и херојски одбранет пенал во Неапол.
(Видео) ПСЖ 1-0 Ница
Каква драма на „Паркот на Принцовите“. ПСЖ се мачеше против Ница и кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши 0-0, следуваше шок во 90+4. минута. По корнерот на Хвича Кварацхелија, топката стигна до Гонсало Рамос, кој одблиску погоди со глава за огромна победа на шампионот.
(Видео) Атлетико Мадрид 3-0 Севиља
Атлетико Мадрид рутински ја совлада кризната Севиља со 3-0. Отпорот на гостите беше скршен во второто полувреме, прво со гол од пенал на Хулијан Алварез (64’), а потоа погоди и Тиаго Алмада (77’). Конечниот резултат го постави Антоан Гризман во 90. минута, што беше негов јубилеен 200-ти гол во Ла Лига.
(Видео) Реал Сосиедад 3-2 Атлетик Билбао
Лудо баскиско дерби на „Аноета“! Реал Сосиедад го победи Атлетик Билбао со 3-2 во натпревар со неверојатен крај. Домаќините двапати водеа со головите на Браис Мендез (38’) и Гонсало Гуедеш (47’), но Билбао се враќаше преку Горка Гурузета (42’) и Роберт Наваро (79’). Кога сите очекуваа реми, херој на Сосиедад стана Јон Горочатеги, кој погоди за победа во 90+2. минута.
(Видео) Виљареал 4-0 Рајо Ваљекано
„Жолтата подморница“ го потопи Рајо Ваљекано со убедливи 4-0 и се искачи на второто место во Ла Лига. Жерард Морено го отвори резултатот во 22. минута, а потоа следуваше „блицкриг“ во второто полувреме: Алберто Молеиро (56’), Санти Комесања (58’) и Ајозе Перез (65’) постигнаа три гола за само девет минути.
(Видео) Наполи 0-0 Комо
Големо изненадување на „Марадона“. Шампионот Наполи одигра само 0-0 против тимот на Цеск Фабрегас, Комо. Гостите можат да жалат за победа, бидејќи Алваро Мората не реализираше пенал во првото полувреме. Неговиот удар го одбрани Вања Милинковиќ-Савиќ. Нашиот Елиф Елмас влезе во игра во 38. минута на местото на Били Гилмор и одигра добар натпревар, внесувајќи живост во средниот ред.
(Видео) Удинезе 1-0 Аталанта
Удинезе освои клучни три бода против Аталанта во директната пресметка на табелата. Натпреварот беше решен со еден гол, а херој за тимот од Удине беше „поранешниот“ играч на Аталанта, Николо Ѕаниоло, кој погоди во 40. минута за конечни 1-0.


