(Видео) Преглед на Премиер лигата: Доку шоу, драмa во Лондон и нови надежи за Форест

Објавено:

Неделата во Премиер лигата донесе фудбалски спектакл на „Етихад“, неколку пресврти и борба за опстанок што станува сè поинтересна.

Манчестер Сити – Ливерпул 3:0

Прочитај ја целата анализа тука.

Манчестер Сити одигра меч од друга димензија и го совлада Ливерпул со убедливи 3:0 на „Етихад“. Ова беше 1.000-ти натпревар во кариерата на Пеп Гвардиола, кој го одбележа на совршен начин, со еден од најдобрите настапи сезонава. Халанд прво промаши пенал, но потоа ја отвори серијата со глава, Нико Гонзалес со малку среќа го зголеми водството, а Доку со вистински бисер ја заокружи победата.

Ливерпул изгледаше безидејно и исцрпено, а Сити со оваа победа се искачи на второто место, само четири бода зад лидерот Арсенал.

Кристал Палас – Брајтон 0:0

Иако без голови, лондонското дерби меѓу Палас и Брајтон беше далеку од досадно. И двата тима имаа доволно шанси да го решат мечот, но завршницата ги издаде. Жан-Филип Матета и Исмаила Сар имаа зицери за домаќините, додека Минтех за гостите промаши чиста ситуација што можеше да биде одлучувачка.

ВАР одзеде пенал на Брајтон, а голманите Хендерсон и Вербруген блескаа на двете страни. На крај, сосема фер реми, но со впечаток дека Палас можеше да извлече повеќе. Двата тима остануваат во златната средина на табелата, а само бодови ги делат од местата што водат во Европа.

Брентфорд – Њукасл 3:1

Пресврт на „Гтек Комјунити“ стадионот и голем пад за Њукасл. Гостите поведоа преку Харви Барнс, но исклучувањето на Ден Барн беше клучниот момент што го смени текот на мечот. Брентфорд го искористи тоа со одличен втор дел. Кевин Шаде прво израмни по долгиот соло продор, а потоа Игор Тијаго постигна два гола и донесе заслужен триумф.

Ова беше седми и осми гол за Бразилецот сезонава, кој стана херој на домашната публика. Брентфорд со оваа победа се оддалечува од опасната зона и добива нова самодоверба, додека Њукасл изгледа како сенка од минатата сезона, со пет порази на последните шест гостувања.

Астон Вила – Борнмут 4:0

Астон Вила повторно во препознатливо издание со моќна, организирана и безмилосна игра. По поразот од Ливерпул, избраниците на Унаи Емери одговорија на најдобар можен начин. Емилијано Буендија со фантастичен слободен удар го отвори резултатот, Онана со прецизен удар го удвои водството, а во вториот дел следуваа уште два гола од резервистите Баркли и Малeн.

Голманот Мартинез одбрани и пенал при резултат 2:0, што целосно ја „уби“ надежта на Борнмут. Со оваа победа, Вила се враќа во трката за местата што водат во Европа, додека гостите бележат втор пораз по ред и полека ја губат формата што ја имаа во октомври.

Нотингем Форест – Лидс 3:1

По девет кола без победа, конечно радост на „Сити Граунд“. Новиот тренер Шон Дајч ја запиша својата прва победа на клупата на Форест, и тоа со пресврт. Лидс поведе преку Нмеча, но радоста траеше само две минути, бидејќи Сангaре веднаш израмни по одбиена топка.

Во второто полувреме, Гибс-Вајт донесе водство со прекрасен удар со глава, а во самиот финиш Андерсон од пенал стави точка. Форест останува во зоната за испаѓање, но оваа победа може да биде пресвртница. Тимот изгледаше поагресивно, пофокусирано и конечно со карактер.

Следува репрезентативна пауза, а по неа продолжува големата борба во Премиер лигата. Сити ќе гостува кај Њукасл, Ливерпул ќе се обиде да се врати против Нотингем, а Вила сè посериозно го гледа европскиот хоризонт.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено