Екипата на Баерн Минхен продолжува да пишува историја во германскиот фудбал. Баварскиот гигант попладнево го демолираше Сент Паули со убедливи 0:5 на гостувањето во Хамбург, во рамките на 29-тото коло од Бундеслигата. Со овие пет погодоци, избраниците на Венсан Компани поставија нов апсолутен рекорд за најмногу постигнати голови во една бундеслигашка сезона – вкупно 105, надминувајќи го претходниот клупски рекорд (101) поставен во далечната сезона 1971/72.
Компани одлучи да одмори дури седум првотимци, вклучувајќи го и Хари Кејн, чувајќи ги силите за претстојниот реванш од четвртфиналето во Лигата на шампионите против Реал Мадрид. Сепак, тоа воопшто не се почувствува во играта на Баерн.
Историскиот момент се случи уште во 9-тата минута. Конрад Лајмер одлично нафрли од десната страна, а Џамал Мусијала со прецизен удар со глава го совлада домашниот голман за 0:1, постигнувајќи го 101-от гол за Баерн оваа сезона. Гостите доминираа, ја погодија и рамката од голот преку Џексон и Мусијала, но на пауза заминаа со минимална предност.
Вистинската голеада и рушењето на рекордот следеа во второто полувреме. Во 53-тата минута, по слободниот удар на Кимих, Леон Горецка со волеј-удар го постигна рекордниот 102-ри гол за Баерн. Само една минута подоцна, Мајкл Олисе со прекрасен удар со левата нога зголеми на 0:3. Во 65-тата минута, Мусијала одлично го проигра Николас Џексон, кој рутински реализираше за 0:4. Конечните 0:5 ги постави Рафаел Гереиро во 88-тата минута, крунисувајќи ја апсолутната доминација на Баварците (72% посед на топка и речиси 1000 комплетирани додавања).
Во останатите натпревари одиграни денеска, Баер Леверкузен остана во игра за место кое води во Лигата на шампионите откако оствари огромна победа од 0:1 на гостувањето кај Борусија Дортмунд. Херој за „Фармацевтите“ беше капитенот Роберт Андрих, кој во 42-рата минута испрати вистински проектил од 28 метри (со брзина од 119 км/ч) во мрежата на Грегор Кобел. Дортмунд во вториот дел силно притискаше, а Серху Гираси во 83-тата минута ја погоди пречката, но резултатот остана непроменет.
Важна победа во битката за топ 4 оствари и РБ Лајпциг, кој на домашен терен тешко, но заслужено со 1:0 ја совлада Борусија Менхенгладбах. Голманот на гостите, Мориц Николас, правеше чуда на голот бележејќи дури 11 одбрани, но конечно капитулираше во 81-вата минута кога Јан Диоманде по асистенција на Баумгартнер го постигна победничкиот погодок за „Биковите“.
Во долниот дел од табелата, Хајденхајм ги задржа надежите за опстанок со победа од 3:1 против Унион Берлин, предводен од двојниот стрелец Матијас Хонсак. Ајнтрахт Франкфурт славеше на гостувањето кај очајниот Волфсбург со 1:2, продлабочувајќи ја кризата на „Волците“ кои веќе 12 натпревари не знаат за победа.
Вчера, во воведниот натпревар од 29-тото коло, Аугсбург и Хофенхајм одиграа возбудливо реми 2:2. Домаќините имаа предност од 2:0 со головите на Клод-Морис и Грегорич, но гостите се вратија пред крајот на полувремето преку Хранач и Туре. Трагичар на мечот беше Алексис Клод-Морис, кој во 85-тата минута промаши пенал за победа на Аугсбург.



