Љубителите на англискиот фудбал гледаа вистински трилер во Лондон, каде Фулам и Ливерпул одиграа нестварни 2-2. Натпреварот кој доцнеше 15 минути поради итна медицинска помош на член од персоналот на стадионот, приреди сценарио кое ретко се гледа – два гола во судиското продолжение и мајсторија која долго ќе се врти по шпиците.
ВАР драма и пресвртот на Ливерпул
Натпреварот започна лошо за избраниците на Арне Слот. Поранешниот играч на Ливерпул, Хари Вилсон, уште еднаш покажа дека знае како да ги казни своите поранешни колеги. Во 18-та минута, по одличната асистенција на Раул Хименез, Вилсон прецизно погоди за водство на Фулам. Иако првично беше сигнализиран офсајд, ВАР потврди дека Вирџил ван Дајк задоцнил со излегувањето, па голот беше признаен.
Ливерпул, кој на овој меч настапи без својот најдобар стрелец Хуго Екитике, доминираше во поседот, но тешко наоѓаше пукнатини во одбраната на Марко Силва. Израмнувањето пристигна во 57-та минута преку Флоријан Вирц, кој по фантастичен продор на Конор Бредли ја затресе мрежата на Лено. Повторно следеше долга ВАР проверка која предизвика бес кај домашните навивачи, но технологијата пресуди дека Германецот бил во дозволена позиција.
Лудило во судиското продолжение
Кога на часовникот отчука 94-та минута, се чинеше дека Ливерпул ги носи трите бода за Мерсисајд. Коди Гакпо се најде на вистинското место по центаршутот на Фримпонг и ја смести топката во мрежата за огромна радост на гостинските навивачи.
Сепак, „Крејвен Котиџ“ го чуваше најдоброто за крај. Во 97-та минута, Харисон Рид налета на една одбиена топка на околу 30 метри од голот и со спектакуларен удар го погоди самиот агол од голот на Алисон Бекер. Тоа беше негов прв гол по 2023 година, но дефинитивно вреден за паметење, со кој ја прекина серијата победи на Ливерпул и му донесе голем бод на својот тим.



