Кога ќе дојде април, Пеп Гвардиола и неговата машина за победи едноставно не знаат за милост. Манчестер Сити максимално го искористи киксот на лидерот Арсенал и со доминантна партија во второто полувреме го совлада Челси со 3-0 среде Лондон.
Со овој триумф, „граѓаните“ ја намалија предноста на Арсенал на само шест бода, но со натпревар помалку и со огромен моментум пред директната пресметка на „Етихад“ следниот викенд.

Магичниот Шерки и казната за „заспаниот“ Челси
Првото полувреме не наговестуваше ваков дебакл за домаќините. Челси на Лијам Розсениор се постави добро тактички, а Педро Нето и Марк Кукуреља имаа свои шанси, но Донaрума беше на висина на задачата. Сепак, Гвардиола направи корекции на паузата, а неговите играчи излегоа како препородени.
Главна фигура на теренот беше 22-годишниот Рајан Шерки. Французинот уште еднаш докажа зошто е еден од најдобрите креативци во лигата. Прво во 51-та минута маестрално асистираше до Нико О’Рајли за водство, а само шест минути подоцна повторно беше „пакувач“, овојпат за поранешниот играч на Челси, Марк Гуехи, кој со ладнокрвна завршница ги замолкна домашните навивачи.
Точка на мизеријата на Челси стави Џереми Доку во 67-та минута, по катастрофалната грешка на Моисес Каиседо на сопствената половина.
„Арсенал, гледате ли?“
Навивачите на Сити на „Стамфорд Бриџ“ веќе започнаа со провокативните песни упатени кон Лондон: „Are you watching Arsenal?“. Историјата учи дека Сити е најдобар токму кога е најпотребно, а тимот има неверојатни 29 победи на последните 32 меча одиграни во месец април.
Додека Сити сега има цела недела за одмор и подготовка за големото дерби, Арсенал во среда го чека тежок реванш во Лигата на шампионите против Спортинг, што дополнително му оди во прилог на тимот на Гвардиола.
Хаос во Челси: Плејоф за Европа или борба за средината?
За Челси, ова е трет пораз по ред во кој не успеваат да постигнат гол, нешто што не се случило повеќе од 18 години. „Сините“ се во слободен пад по заминувањето на Енцо Мареска во јануари, а внатрешните немири, како суспензијата на Енцо Фернандез, само ја влошуваат ситуацијата. Тимот сега е поблиску до 11-то место отколку до позициите за Лигата на шампионите, а навивачите најавуваат протести против управата.



