Шкотскиот фудбал синоќа доживеа незапаметена драма која наместо со спортски поздрав, заврши со жестоки обвинувања за „кражба“ и неправда. Иако Хартс веќе се подготвуваше за шампионско славје по убедливата победа над Фалкирк (3-0), контроверзниот пенал за Селтик во 99-та минута против Мадервел (3-2) го претвори претстојното последно коло во директна битка за титулата.
Пенал кој го шокираше светот
Кога се чинеше дека Селтик ќе киксне и ќе му ја „врачи“ титулата на ривалот, на сцена стапи ВАР собата. Судијата Ендрју Далас го повика главниот арбитар Џон Битон да прегледа ситуација во која Сем Николсон од Мадервел скокна во дуел со играч на Селтик. Иако снимките сугерираа дека топката го погодила Николсон во главата, а не во раката, Битон по само 20 секунди покажа на белата точка.
Келечи Ихеаначо беше прецизен за победа од 3-2, што предизвика лавина од реакции.
„Ова е можеби најлошата одлука на VAR што некогаш сум ја видел… извонредно со оглед на значењето“, напиша легендарниот Гари Линекер на социјалните мрежи.
МекИнес: „Ова е одвратно, сите се против нас!“
Менаџерот на Хартс, Дерек МекИнес, упати остри критики нарекувајќи ја одлуката „одвратна“ и истакна дека кога Селтик оди на преглед со ВАР во судиското продолжение, едноставно се претпоставува дека ќе го добијат пеналот.
Тој испрати директна порака дека неговиот тим се бори против сите и дека според него воопшто немало пенал, туку изгледало како истиот да им е подарен на противниците. Сепак, и покрај очигледниот бес, тој покажа позитивен дух и вети дека тимот нема да се жали или да се самосожалува, туку со сите сили ќе оди на победа во сабота.
Експертите со едногласен став: Немаше пенал!
Поранешните судии Боби Маден и Стив Конрој беа децидни дека немало доволно докази за да се промени првичната одлука на теренот. Според нив, раката на Николсон била подигната поради контактот со противничкиот играч, а топката не ја променила својата патека, што укажува на удар со глава.
Дури и менаџерот на Мадервел, Јен Бертел Аскоу, изјави дека е во „тотален шок“ и дека играта заслужила повеќе од ваква одлука. Од друга страна, менаџерот на Селтик, Мартин О’Нил, кратко изјави дека според него тоа е „игра со рака“.



