Во ноќ која ќе остане запишана во македонската фудбалска историја, Шкендија славеше со 1–0 против ирскиот Шелбурн на Арената “Тодор Проески”, освојувајќи ја првата победа на македонски клуб во групна фаза на европско натпреварување.
Пред околу 3.000 гледачи, хероите од Тетово издржаа тврд и тежок меч, кој на крајот беше решен во драматично продолжение. Автоголот на Патрик Берет во 92-та минута по удар на Роналдо Вебстер ја донесе историската радост за црвено-црните во вториот меч во рамките на Конференциската лига.
Тешка, но заслужена победа
Првото полувреме мина во внимателна игра од двете страни. Тамба и Ибраими имаа обиди, но без вистинска закана. Највозбудливо беше во вториот дел, кога гостите ја погодија стативата преку Којл, а Шкендија возврати со неколку шанси од Спахиу и Красниќи.
Кога сè мирисаше на реми, дојде моментот на среќа и историја, топката по ударот на Вебстер се одби од Берет и заврши во мрежата на Ирците.
Беќири: “Секогаш верувам до крај, овие победи се најслатки”
Тренерот Јетон Беќири по мечот не го криеше задоволството, но остана смирен и реален: “Задоволен сум, но знам дека можеме уште многу повеќе. Оваа победа е резултат на работа, верба и карактер. Среќата ги следи храбрите, а ние ја заслуживме оваа среќа. Секогаш верувам до крај, ваквите победи се најслатки”.
Победа што вреди за Шкендија и за ПМФЛ
Триумфот не носи само емоции, туку и 400.000 евра награда од УЕФА, како и вредни поени за националниот коефициент. Со тоа, Македонија ја прескокна Црна Гора на УЕФА листата, што значи дека во сезоната 2027/28 нашата лига повторно ќе има четири претставници во Европа.

Историјата е испишана
Од времето кога Вардар во 2017/18 не успеа да победи во Лигата на Европа, македонскиот фудбал чекаше нешто вакво. Но вечерва, во Скопје, Шкендија ја урна бариерата и ја отвори новата страница на македонскиот клупски фудбал.
Следен предизвик е Јагјелонија од Полска во ноември, повторно на домашен терен.



