Трката за титулата во Премиер лигата доби нов, драматичен пресврт! Во натпреварот со кој се отвори 32-то коло, екипата на Борнмут приреди вистинска сензација совладувајќи го лидерот Арсенал со 1:2 на гостински терен.
Овој пораз доаѓа во најлош можен момент за избраниците на Микел Артета, кои влегоа во овој дуел без клучните играчи Мартин Одегард и Букајо Сака. Иако Арсенал имаше девет бода предност пред Манчестер Сити пред почетокот на колото, актуелниот шампион сега има две средби помалку и може целосно да ја стопи негативата.
Натпреварот започна шокантно за домашните навивачи. По само 17 минути игра, гостите поведоа преку младиот Жуниор Крупи кој најдобро се снајде во шеснаесеттникот по одличната акција на „Црешите“. Арсенал изгледаше изгубено на теренот, но успеа да израмни до крајот на првото полувреме. Во 34-тата минута, по играњето со рака на Рајан Кристи во казнениот простор, судијата Мајкл Оливер покажа на белата точка. Виктор Ѓокереш беше сигурен реализатор за 1:1 во 35-тата минута.
Наместо овој гол да ги разбуди домашните фудбалери, Арсенал во второто полувреме продолжи со бледата и нервозна игра. И покрај тројната измена на Артета во 54-тата минута (влегувањето на Езе, Тросар и 16-годишниот Дауман), играта на „Топчиите“ не доби посакуван тек.
Казната стигна во 74-тата минута. Алекс Скот искористи огромна дупка во одбраната на Арсенал и непречено се прошета низ средината пред рутински да го совлада голманот Давид Раја за 1:2. До крајот на натпреварот, очајните обиди на Арсенал да стигнат барем до бод останаа јалови, што резултираше со гласни свирежи од разочараните навивачи на „Емирати“.
Ова е трет пораз за Арсенал во последните четири натпревари во сите натпреварувања. Доколку Манчестер Сити го совлада Челзи утре, а потоа слави и во директниот дуел со Арсенал наредниот викенд, двата тима ќе бидат изедначени по бројот на бодови на врвот на табелата (при што Сити ќе има и натпревар помалку).
Премиер лигата ни подготвува историска завршница!



