Фудбалерите на Вардар остварија убедлива победа од 5:1 во малата градска пресметка против Македонија Ѓорче Петров, искористувајќи го киксот на Шкендија (пораз од Пелистер) за да се одлепат на три бода предност на врвот на табелата во ПМФЛ.
Мечот на Националната арена „Тодор Проески“ помина во апсолутна доминација на „црвено-црните“, а посебен мотив за домашните играчи очигледно беше присуството на Кристијан Фабиани во ВИП-ложата. Аргентинскиот стратег кој од следната сезона треба да го преземе кормилото на најтрофејниот македонски клуб.
Торес диригираше, Кабаркас им ја отежна работата на гостите
Вардар тргна офанзивно од самиот старт, а резултатот го отвори дефанзивецот Дарко Велковски во 31. минута, откако најдобро се снајде во шеснаесетникот по еден одбиен удар на Торес.
Работите за „Лавовите“ од Ѓорче Петров тргнаа удолу само пет минути подоцна, кога Хозе Кабаркас доби директен црвен картон поради непромислен прекршок. Вардар брзо ја искористи бројчаната предност и преку Диего Кастањеда (42′) зголеми на 2:0 пред паузата.
Во второто полувреме следеше вистинско шоу на Хоакин Торес. Аргентинецот најпрво реализираше одлична акција за 3:0 во 61. минута, пред Бобан Николов со прекрасен полуволеј да зголеми на 4:0 (69′). Македонија ЃП успеа само да постигне почесен погодок преку Иван Галевски (72′), пред Торес во 75. минута да го постигне голот на колото – во стилот на Меси издрибла тројца дефанзивци и голманот Јанков, поставувајќи ги конечните 5:1.
Вардар (61 бод) во следното коло го очекува големото дерби против Пелистер во Битола, додека Македонија ЃП (која останува во опасната зона со 23 бода) ќе го пречека тимот на Арсими.



