(Видео) Триумф за „лавовите“: Камерун го скроти Габон, Ета Ејонг ја испиша историјата во Агадир!

Објавено:

Репрезентацијата на Камерун со стил ја започна својата кампања на Африканскиот куп на нации, совладувајќи го лутиот ривал Габон со минимални 1-0. Ова не е само обична победа, ова е првпат во историјата „Нескротливите лавови“ да го совладуваат својот централноафрикански сосед на завршница на турнирот.

Експресен „шок“ на почетокот

Натпреварот во Агадир започна како во сон за избраниците на Давид Пагу. Уште во 6-та минута, ѕвездата на Манчестер Јунајтед, Брајан Мбеумо, искористи една лошо исфрлена топка со глава на одбраната на Габон и мајсторски го проигра Карл Ета Ејонг. Младиот напаѓач не подлегна на притисокот и ладнокрвно му ја „протна“ топката низ нозе на голманот Мбамба за водство од 1-0.

Габон беше целосно изгубен во првиот дел, што го принуди селекторот Мујума на драстичен потег уште пред паузата, па во игра ги внесе своите најголеми ѕвезди, Пјер-Емерик Обамејанг и Марио Лемина, кои неочекувано го започнаа мечот од клупата.

Железна одбрана и пречката на Магри

Во второто полувреме Габон тргна на сè или ништо, но камерунската одбрана, предводена од сигурниот Девис Епаси на голот, делуваше како кинески ѕид. Камерунците беа поблиску до втор гол преку контранапади – Франк Магри ја затресе пречката, а Мбеумо беше сопрен во ситуација еден на еден. И покрај повредата на големиот талент на Лил, Карлос Балеба, Камерун тактички совршено го приведе мечот до крај.

„Ова е млад тим, победивме на ментален план. Системот уште треба да се дотерува, но најважно е што ја завршивме работата“, изјави по мечот камерунскиот селектор Давид Пагу.

Брајан Мбеумо, кој беше прогласен за играч на натпреварот, веќе мисли на следната пресметка: „Среќни сме, но против Брегот на Слоновата Коска ќе мора да бидеме уште подобри. Тоа ќе биде судир на титаните“.

Со оваа победа, Камерун му се придружи на Брегот на Слоновата Коска на врвот на групата Ф, најавувајќи дека „Лавовите“ се гладни за нова европска титула.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено